Шилегов, Кондев, Младеновиќ и Додиќ заедно постигнаа 20 погодоци, а одличен на голот беше Ѓорѓески, кој забележа 16 успешни интервенции, меѓу кои и два седмерца на дуелот против Прилеп, кој Металург го доби со 33-24
РАКОМЕТ
Вториот натпреварувачки ден на 48-от традиционален ракометен турнир „Струга 2020“ донесе целосна доминација на скопските суперлигаши. Ракометарите на Металург убедливо славеа против Прилеп со 33-24, Бутел беше поуспешен во дуелот со Еурофарм Пелистер 2 со 21-17, а Вардар го надигра Охрид со 27-22.
За разлика од првиот дуел со Еурофарм Пелистер, металурзите во вториот меч прикажаа многу подобра, поорганизирана и поефикасна игра, што целосно се совпадна со предвидувањата и очекувањата на тренерот Зоран Кастратовиќ, кој истакна дека како што одминуваат натпреварите, очекува сѐ подобра и поорганизирана игра од својот тим.
– По силниот меч со Еурофарм Пелистер, дуелот со Прилеп го искористивме за вклучување на сите ракометари во игра, за да имаме покомплетна слика за можностите и на помладите играчи во тимот, кои, пак, сметам дека добро ја одработија поставената задача – вели Кастратовиќ.
Тренерот на Металург се осврна и на утрешните мечеви од разигрувањата и пласман на турнирот, во кој, најверојатно, противник на металурзите во борбата за третото место ќе им биде тимот на Охрид.
– Според случувањата на теренот, евидентно е дека Охрид ќе биде наш противник во мечевите за пласман. Имаат солидна екипа, која сметам дека ќе даде силен отпор, но сепак верувам во моите момци и се надевам на позитивен исход – додаде Кастратовиќ.
Во дуелот со Прилеп, одлично издание имаа младите металурзи Мице Шилегов, Дарко Кондев, Михајло Младеновиќ и Стефан Додиќ, кои заедно постигнаа 20 погодоци, а одличен на голот беше Даниел Ѓорѓески, кој забележа 16 успешни интервенции, меѓу кои и два седмерци.
Синоќа ракометарите на Металург против домаќинот Струга го играа последниот дуел од групната фаза за да го заверат местото во утрешното мало финале, во кое најверојатно ќе разигруваат со тимот на Охрид. Синоќа на распоредот беа и мечевите помеѓу Еурофарм Пелистер и Прилеп и дуелот помеѓу Вардар и Еурофарм Пелистер 2.
Според ефектот во групната фаза, Вардар и Еурофарм Пелистер се тимовите што ќе разигруваат за 48-та титула на струшкиот турнир, односно вардарци ќе играат за 14-от, а пелистерци за 12-от трофеј на турнирот.