Во вториот четвртфинален меч на фајналејт-турнирот во Лигата на шампионите (ЛШ), вечерва, на стадионот на Спортинг „Жозе Алваладе“, во Лисабон, ќе се сретнат германски Лајпциг и шпански Атлетико.
Атлетико, вицепрвакот од 2014 и 2016 година, предводен од Диего Симеоне, атакува на третото финале во седум сезони, а апетитите се зголемија по елиминацијата на ланскиот шампион, Ливерпул, во осминафиналето, во март. Подготовките на Атлетико за Лисабон беа нарушени откако двајца играчи, Анхел Кореа и Шиме Врсаљко, беа позитивни на ковид-19 минатиот викенд и мораше да бидат ставени во карантин. За среќа, немаше други позитивни случаи на повторените тестирања пред летот на тимот за Португалија.
Атлетико во продолжението од сезоната не загуби на 11 натпревари во Ла лига и го освои третото место, зад Реал и Барселона. Вкупно, Атлетико е непоразен на 18 натпревари во низа, од почетокот на февруари.
Лајпциг првпат е во нокаут-фазата во ЛШ и се смета за аутсајдер во оваа конкуренција. Амбициите на Лајпциг, кој во минатата рунда го елиминира финалистот од 2019 година, премиерлигашот Тотенхем, претрпеа значителен удар по продажбата на најдобриот стрелец, Тимо Вернер на Челси, кој сезонава даде 34 гола и за кого тренерот Јулијан Нагелсман сега ќе мора да бара адекватна замена.