Наставничката по одделенска настава во едно скопско училиште, која ни го напиша ова писмо, сакаше да остане анонимна, а името на девојчето за кое пишува е сменето, со намера приказната да не биде сфатена како фалење за сторените добри дела, туку да биде мотив за другите деца и родители да бидат хумани и да им помагаат на оние на кои помошта им е добредојдена

Хумана страница

 

Драги деца,
Сакам да ви раскажам вистинита приказна за хуманите родители во едно четврто одделение во основно училиште во Скопје.
На почетокот на учебната 2019/20 година во нашето одделение ни дојде нова ученичка – Христина. Тоа слатко девојче со својот свеж и весел дух внесе освежување во нашата паралелка. Особено бев импресионирана од нејзината борбеност и упорност, иако со семејството морале да поминат низ повеќе животни искушенија, сепак, во нејзините мали но топли очи имаше огнена желба за истрајност, трпение и успех.
Тие прекрасни особини кај Христина ги забележаа и другите деца од одделението и уште од првиот миг ја прифатија и се дружеа со неа.
Јас како нејзина учителка ги забележав и образовните пропусти кај неа, кои настанале поради седумте селења што ги имало нејзиното четиричлено семејство. Набргу се сретнав и со нејзината храбра мајка и со неа како што личи за сѐ отворено поразговаравме.
По оваа средба јас веќе имав план на дејствување.

И на моја голема радост, прекрасните родители на учениците од нашето мало, но многу симпатично одделение се организираа кој со што ќе помогне.
Така, на роденденот на нашата Христина сѐ беше како што треба. Го прославивме во нашата училница, а секој донесе по нешто. Имаше доволно храна и пијалаци, но и преубава торта, а родителите се договориле кој да купи облека, а кој училиштен прибор, но и обувки, сликовници. Христина беше пресреќна и многу возбудена.
Но тука не запре добрината на хуманите родители. Тие се организираа да помогнат и со плаќањето на училишните трошоци на Христина. Па, така, некој од родителите ги намири трошоците за курсот по англиски, за списанието „Развигор“, за екскурзија и буквално скоро сѐ стана нивна обврска, што мене едноставно ме остави без зборови, бев воодушевена. Наскоро родителите го посетија и домот на нашата Христина и потоа се договорија, кој што може да донесе, од предмети за домаќинството до облека и храна.
Сепак, најмногу од сѐ ме изненади нивната одлука да му помогнат на семејството на Христина да излезе од финансиската криза. Собраа пари и им ги дадоа како помош за неплатените неколку кирии, по што сите бевме помирни и многу среќни.
Ете, кога се сака сѐ се може. Сите заедно дадовме по нешто, а најмногу љубов.
Тука морам да ја пофалам и стручната служба на нашето основно училиште, која на Христина ѝ додели лаптоп од донации и, секако, можност бесплатно да се храни во училишната кујна.

Исто така една прекрасна мајка направи добро дело и ѝ помогна на мајката на Христина да се вработи во „Веро центарот“ како продавачка, по што семејството застана на свои нозе.
Мене особено многу ме инспирира што скоро секој ден ѝ давам бесплатни часови на Христина по англиски јазик.
Ете, драги деца, ова е доказ дека доброто добро привлекува друга добрина и нема крај на човечноста.
Помошта за Христина продолжува, како во учењето, така и во давањето книги за лектира, облека, играчки, па и велосипед. Нашето одделението, кое и пред тоа беше сложно, стана вистинско мало семејство, а училиштето наш втор дом.
Со оваа прекрасна приказна за хуманоста, чии директни учесници бевме ние, разбравме колку е важно да даваш со љубов и колку е убаво кога се разбираме еден со друг. Колку е скапоцено да му подадеш рака на оној кому тоа му е најпотребно. Колку ни се потребни таквите луѓе за да се поттикнат хуманоста и човечноста во сите нас.

Сфативме колку многу сме си потребни едни на други и со периодот на изолација и неодењето на училиште поради пандемијата на коронавирусот. Децата си недостигаа многу еден на друг, им недостигаа училиштето, наставниците, целиот амбиент на часовите… Но, сепак, како што велат, секое лошо, за добро е. Токму ваквите периоди ги поттикнуваат вистинските човекови вредности: љубовта и емпатијата, кои му се најпотребни на човештвото сега.
Им благодарам на сите добри луѓе, кои на каков било начин придонесоа Христина и нејзиното семејство да не се чувствуваат отфрлени, туку сакани и прифатени.
Да живее добрината!

Наставничката по одделенска настава во едно скопско основно училиште


 

Под едно небо

Под едно небо
да се разбудиме сите,
под едно небо
да ги минеме среќни дните.

Под едно небо
да го делиме лебот,
под едно небо
да се сакаме врело.

Под едно небо
нашата љубов да расте
и никогаш да не згасне.

Под едно небо
да им подадеме рака
на оние во мака.

Зошто да не може
под едно небо,
нашите сништа да полетаат
и во сечие срце да процветаат?

Симона Василевска 8-1 одделение ОУ „Панајот Гиновски“ – Скопје
(Од книгата „Детски литературен фестивал Ракатки – 2018“)