Во „Браќа Карамазови“ старецот Зосима објаснува кој вид луѓе се најлоши и тој најгоре, највисоко на таа скала, ги реди оние што си веруваат на сопствените лаги толку многу што во нивната реалност лагата станала вистина во чие постоење со пеколна сила ги убедуваат и другите. Разговорот со таквите во врска со кое било нешто што остава можност за поинакво гледање на реалноста е бесмислен и не води никаде, освен кон непријатности и срамење од самиот себе поради крајното сознание за бесрамноста во нивните настојувања лагата да ја продадат за вистина. Фројд има теза дека отсуството на срам е првиот показател на глупавоста.
Но знаете како се вели, глупавиот не знае дека е глупав како што лудиот не знае дека е луд. Барем ова му е секому и сосема јасно и најверојатно поради тоа таквите луѓе ги оставаме да го прават тоа што се самоприсилени да го прават и најчесто кон нив имаме изграден систем на сожалување и емпатија. Па, дури и ги заштитуваме од оние што поради глупавоста и недоветноста на тие „драги суштества“ се подигруваат и ругаат со нив. Има многу учени луѓе што посветиле време и труд во докажување на овој во психологијата сериозен здравствен проблем. Но обичниот човек сето ова го знае од сопствената емпирија и за да се заштити од глупавоста и глупавите луѓе нема потреба дури ни да биде свесен за постоењето на „човеците“ Фјодор Михајлович и Шломо Зигмунд.
Постоењето на глупавите луѓе цивилизираните средини не го негираат, туку во однос на нив и околу нив создаваат простор во кој тие слободно ја живеат сопствената лага како вистина без некој да ги убедува во спротивното. Сѐ додека тие луѓе немаат инструменти и средства да станат власт со чија сила ќе нѐ натераат нас да поверуваме, учествуваме и реално да живееме и дејствуваме во нивниот свет на лаги и измислици. За жал, драги мои, и нам ни се случи она што мислевме дека е далечна историја кога разните Дучевци, Адолфи, Мозлиевци, Патеновци, Квислизинци, Павелиќи и други слични манифестации на срам од лична природа станале општоприфатена идеја и „колективно несвесно“, како што Карл Густав Јунг ја определува состојбата како архетипска кога голема група луѓе имаат заедничко сознание за непостојна реалност. Тоа секогаш води кон катастрофи од најголеми размери и во крајна смисла, откако сѐ ќе заврши, во новата реалност ќе се нарекува општа глупавост, а во училиштата ќе се изучува како национален срам.
Како се создаваат тие околности во кои глупави луѓе добиваат општествена моќ и сила да управуваат со нас? Зошто и покрај свесноста за последиците од таквиот расплет на нештата, огромен број нормални луѓе, масовно, дури со хипнотичко поведение се поведуваат по патот на чие чело од колоната што води кон амбисот предводи глупав човек?! Има различни начини како се прави тоа. Знаеме како се направени разните „другари Адолфи“. На почетокот ги потценувале, ги исмевале, им се ругале и се дистанцирале од нив како глупави луѓе што веруваат и зборуваат лаги и невистини. Но како се случува да знаеме дека некој зборува лаги и невистини а ние да му веруваме?
Да се вратиме кај Достоевски и кај старецот Зосима. Тоа е така, драги мои, затоа што кај таквите луѓе лагата е состојба на реалност, во која тие веруваат со таква убеденост, со толкава пасија и страст што голем дел од нас почнува да верува во таа лага. Додека оној што ја зборува вистината, свесен за тешкотиите од соочувањето со реалноста, најчесто зборува со воздржаност и внимателност, која кај обичниот човек остава впечаток на несигурност, неумешност, па дури и на лага. Така е тоа. Вистината е грда, неразбирлива, бремена и неприфатлива. Додека, пак, лагата секогаш е пријатна за гледање, за споделување и за верување.
Кој од нас не сака да слуша за чудните животни авантури на наши познаници за кои сите знаеме дека се лаги и измислици и дека многу од нив ниту се случиле ниту се вистина, а ги перципираме и консумираме со невидено задоволство! И тоа е почетокот на крајот!
Сосема случајно бев сведок на тоа како кај нас се создаваше лагата што денес ја живееме како вистина. Така се случи. Беше тоа пред десетина години, пријатели ме поканија да бидам дел од една група на соидејници, која си постави цел да го разобличи, демистифицира и покаже како лага сето тоа што се случуваше во мојот роден град Струмица во периодот од 2008 до 2014 година. Тоа е времето кога тогашниот градоначалник, сега најмоќен човек во државата, другарот Заев беше главниот соперник на господарот на тогаш сѐ уште постојна нација господинот Груевски. Навистина направивме многу работи за да го објасниме проблемот, кој доколку не се реши на почетокот, ќе ескалира во колосални размери – што и се случи! Но голем, би кажал суштествен дел од нашите активности беше спречуван, одложуван и прекинуван.
Тогаш највлијателната пратеничка од партијата на власт доаѓаше двапати неделно да види до кај е „стасана работата“ и ги запираше „сомнителните проекти“, со образложение: „Така кажа шефот!“ Така било или не, јас не знам, оти јас пак така или инаку, за добро или за зло, не го запознав тој „шеф“.
Какви клипови со кичми, какви пародии со анимации и какви се не други проекти и идеи завршија во кантата за одлагање на ветви и неважни работи! Многу брзо сфатив дека правам нешто бесполезно и еден ден, на чудење на сите, си ги собрав парталите и си заминав. Ми се чини дека системот на владеење, со кој на позиции што ги движат современите текови на општественото владеење се стават потпросечни, за вие како најумен меѓу нив да може да ги управувате и владеете, беше надграден и проширен со нивна корупција и криминализација, што во краен случај гарантира тотална контрола врз нив и нивните кариери, позиции и животи. Уште ако тоа се детишта на по дваесет и седум-осум години, на кои првото вработување им е министер, градоначалник, директор и началник, тогаш катастрофата ви е на повидок! Што и се случи. Некаде во 2012 година тој систем, на кој откако Груевски му ја провери моменталната функционалност во власта, го примени и врз опозицијата, особено врз шефот на тогашната опозициска партија и наместо законски да го контролира работењето на струмичкиот градоначалник, тој ги толерираше криминалот, клановството, мафијаштвото, корумпираноста, клиентелизмот, патернализмот, шуробаџанаштвото, партизацијата на администрацијата и тоталната политизација на општество во тој дел од сегашна „Југоисточна Северна Македонија“.
Така се создаваше општествената лага, која во себе акумулираше бес и антагонизам кон нејзиниот творец. И прво што направи откако дојде на власт тоа социјално чудо: беше да го изеде својот демиург! Така е тоа, драги мои. Никој не допушта сведоци на патот на личното страдање. Дури ни плескавицата не сака тие што ја јадат да знаат како е направена, а камоли човек што и тогаш и сега сѐ уште се бори со фактот да докаже дека не е обично ќофте направено во Грујовата кујна со американско месо од воените резерви, со германска свинска маст, француски кромид, грчка чубрика, месено и стасано во бугарско корито, а на крај печено на албанска скара!
Само кутриот Исус оставил дванаесет сведоци на својата голгота. Можеби затоа што ја кажувал вистината? Зошто сето ова е причина за страв, ако ние само поминуваме низ една епоха што ја преживеале и поголеми, а со тоа пред светот и векот поважни нации од нашата? Прво поради аналогијата на нештата. Имено, на изборите во 1933 година националсоцијалистичката партијата освоила само 33 проценти од гласовите и не можела да формира влада. Социјалдемократите што биле во коалиција со комунистите имале 37 проценти и под диктат од тогашна Москва не сакале да влезат во коалиција. И се случила парламентарна криза во момент кога сосема било јасно дека светот ќе влезе во нов економски колапс предизвикан од претходниот финансиски крах и епидемијата на шпанска треска во текот на 1920-тите години.
И почнале долги и мачни преговори за тоа кој со кого ќе коалицира и ќе направи влада. Миленикот на нацијата, маршалот Хајденбург, кој по пропаста на монархијата бил на функцијата претседател на Републиката, не сакал Хитлер да дојде на власт и на секаков начин ја одбегнувал можноста за тоа. Но дотогашниот канцелар Фон Папен го убедил дека тој може и ќе го контролира лидерот на националсоцијалистите. Претседателот решил да ќе прифати, но само доколку Адолф му даде гаранции дека нема да го менува законодавниот и уставниот поредок на Германија, што, дотичниот и го направил, секако, колнејќи се во тоа! Знаете како заврши таа работа и во Германија, нели? За една година умира Хајденбург, новиот наци-канцелар се прогласува за претседател и лидер (фирер), ги укинува демократијата и парламентаризмот и воведува диктатура на националната левица! Понатаму сѐ ни е познато, нели? Знаеме како продолжи и како заврши. Со надеж дека тоа се контролира!
Сето ова, како препишано од Германија во 1933 година, нам во Македонија ни се случи пред три години! Дали сега ќе ни се повтори? Се плашам дека народ што не памети што се случило пред три години и не се срами поради тоа, не може да не се нарече поинаку освен глупав. Жалам за тоа. Ама така стојат тие работи според Достоевски, Фројд, Јунг и според дедо Мицо, кој често кажувал дека еднаш излажан човек е добар човек, а двапати будала човек! Што се случува со нас? Каде грешиме? Убеден сум дека проблемот е во стравот од последиците на нашата глупавост. Ние мора еднаш да оставиме да ни се случи она што го заслужуваме! А тоа е тотален срам на секого и од секого. Мора да го прифатиме тоа ако сакаме да се справиме со онаа состојба на колективно несвесно, од која нема излез без масовен катарзис, што ќе се случи откако сите ќе ја видиме катастрофата во чие создавање сме учествувале, волно и неволно, знајно и незнајно, самоволно или сосила, на еден или друг начин. Кој повеќе, кој помалку, но сите, до еден! Не бегајте од срамот, соочете се со него, само така ќе се пресрамите!
(Авторот е режисер и универзитетски професор)