Рационализацијата на државната управа во фокусот на експертската јавност
Кај нас постои долга историја на обиди за спроведување ефикасни предлог-реформи на администрацијата, во пакет со намалување на бројот на министерствата во Владата. Таквите иницијативи вообичаено се среќаваат додека партиите се во опозиција или во процес на градење нови коалиции, а од некои причини подоцна спласнуваат. Токму тоа и овој пат остава простор за скептицизам и резервираност на стручната јавност за истрајноста на севкупните политички чинители за конечно реализирање на иницијативите за рационализирање заради ефикасност на државната администрација
Со конституирањето на Собранието, односно со верификацијата на мандатите на пратениците од десеттиот парламентарен состав, на 4 август и официјално почнаа да течат роковите за формирање парламентарно мнозинство и влада. Тоа всушност значи дека е отворена „сезоната“ на партиски преговори за коалицирање, со намера за формирање стабилно мнозинство, кое би поддржало целосен четиригодишен мандат на идната влада. Вообичаено, во таков период во македонскиот политички амбиент се актуализира прашањето за потреба од ново обликување на владините ресори, во смисла на рационализација на бројот на министерствата и на државната администрација.
Сериозна реформа на јавната администрација, помал број министри и рационализација на службите
Уште веднаш, по конститутивната седница на Собранието, објавувајќи дека ги започнуваат преговорите за формирање влада, лидерот на СДСМ, Зоран Заев, како еден од приоритетите на нивниот мандат најави „сериозна реформа на јавната администрација, помал број министри (без ресор) и рационализација на нивните служби“. Идејата е тоа да биде „промена што ќе донесе ефикасно служење на потребите на граѓаните“.
Долгата историја на обиди за спроведување ефикасни предлог-реформи на администрацијата, во пакет со намалување на бројот на министерствата во Владата, што како иницијативи се повообичаени додека партиите се во опозиција или во процес на градење нови коалиции, остава простор за резервираност на стручната, но и на политичката јавност, во истрајноста за севкупните политички чинители за конечно реализирање на ваквите иницијативи.
– Вистинска реформа на администрацијата и намалување на бројот на министерствата во македонската влада е хронична потреба, која се провлекува 30 години. Исто толку години говорам дека никаде во Европа нема влада со министерства без ресор. Дури и 16 министерства (колку што е основната проекција на форматот на Владата) се многу, но и кога би се укинале министерските позиции без ресор, во нашиот случај би било напредок. Тоа што британската влада може да функционира со 11-12 ресори е доволен пример за предимензионираноста на македонската влада. Идејата за рационализација на министерствата е одлична, но имам сериозни резерви дека ќе се истрае во нејзиното спроведување. Зашто тоа, секако, ќе создаде реални проблеми во преговорите за формирање влада, најпрвин и внатре во веќе постојните коалиции. Вообичаено, тие министерства без ресор се за задоволување на апетитите на помалите коалициски партнери. И досега се покажало дека политичкиот пазар се одразува на истрајноста во намерата за реформи во администрацијата – вели Борче Давитковски, професор по административно право и јавна администрација на Правниот факултет при УКИМ.
Рационализацијата на администрацијата силно ќе влијае и на кратење на јавните трошоци
Потребата за рационализација на министерствата и на администрацијата, професорот Давитковски првично ја аргументира од финансиско-економски аспект, со намалување на буџетот за плата на администрацијата. Досега 800 милиони евра од буџетот се издвојуваат токму за плата на администрацијата, средства што кога делумно би се пренамениле со рестрикција на министерствата би можеле да се искористат за капитални инвестиции. Освен тоа, тој укажува и на состојбите на удвојување на функционалноста во различни министерства.
– Вака како што е поставено, Министерството за екологија се покажува како непотребно затоа што сите реални надлежности во овој ресор се во Министерството за транспорт и врски, преку Секторот за урбанизам и просторно планирање. Па имаме ситуација во Министерството за екологија да имаме еден инспектор за три национални парка. Или, пак, во образованието, платите во основното и во средното образование ги дава Министерството за образование, а директорите на училиштата ги назначува локалната самоуправа, односно градоначалниците. Логично би било надлежностите на Министерството за образование, за основното и средно образование, да се пренасочат во Министерството за локална самоуправа, а високото образование да биде под надлежност на Министерство за технолошки развој и наука – предлага професорот Давитковски, наведувајќи дека за 4-5 месеци може да се направи елаборат за поефикасно функционирање на Владата. Доколку идниот мандатар истрае во намерата за реформи на Владата и администрацијата, професорот препорачува да го направи тоа во првата година од мандатот, зашто реформи не се прават во последната година пред избори.
Габаритот на владината коалиција да не предизвика пораст на бројноста на управата
Слично како и Давитковски, потребата за редукција на министерствата во идната влада ја оценува како неопходна и пожелна и професорката по уставно право и политички системи, Татјана Каракамишева-Јовановска, но и таа се сомнева во опстојувањето на намерата за таков решителен политички потег.
– Бројноста на министерствата, особено оние без ресор, секогаш е поврзана со политичките апетити на сите претенденти за учество во власта. Колку е повеќебројна коалицијата што формира влада, толку се поголеми апетитите. Инаку, најоптималната бројка на ресори за влада во Македонија е не повеќе од 15 министерства, а министерствата без ресор, секако, се на штета на буџетот. Но од друга страна, нивното укинување значи отпуштање на голем дел од администрацијата, што секако предизвикува револт во општеството, кој не ѝ оди во прилог на ниту една власт – вели професорката Каракамишева-Јовановска.
Професорката смета дека главниот проблем за ваквата реформа е во тоа што секоја политичка опција додека е во опозиција вели дека ќе ја намали администрацијата, но кога ќе дојде на власт, постапува спротивно на тоа и само уште повеќе ја зголемува и ја партизира. На тој начин само уште повеќе се зголемува проблемот за рационализација и реформа на Владата со намалување на бројот на министерствата и на администрацијата. Покрај тоа, Каракамишева-Јовановска укажува дека за таква реформа е потребна измена на Законот за влада и на Законот за органи на управата, за што е потребно двотретинско мнозинство во Собранието.