Стечајниот управник во фирмата „ГИК Брод“ од Брод во Босна распишал лицитација за продажба на повеќе 100.000 квадрати земјиште на локалитетот Барица во оваа локална заедница.
Почетната цена од квадратен метар е многу поволни 0,42 конвертабилни марки, со тоа што заинтересираните купувачи треба да имаат предвид дека соседните парцели се минирани, како и дека постои голема веројатност на дел од земјиштето што се продава да има минско поле.
– Предмет на наддавање е неплодно земјиште со вкупна површина од 105.446 квадратни метри. Дел од земјиштето е непристапен во моментот поради сомневање за евентурално постоење неексплодирани убиствени средства – се вели во јавниот повик.
Понудите треба да се испратат до 1 септември, а, како што се наведува во огласот, имотот може да се разгледа секој работен ден.
Стечајната управничка Снежана Поповиќ појаснува за порталот „Капитал“ дека претставници на Цивилната заштита од Брод ја известиле за опасностите на локалитетот на кое е земјиштето што се продава поради што решила за тоа да ги извести потенцијалните купувачи.
– Во Цивилната заштита се сигурни дека на соседните парцели има убиствени средства што не се отстранети, а постои сомнеж дека ист е случајот и со нашата парцела. Заради безбедност, таа информација ја вклучив и во огласот – објаснува таа.
Според Поповиќ, од Цивилната заштита добила скици на кои се вцртани сомнителните површини.
Ова не е прв обид за продажба на земјиштето на фирмата што е во стечај од 2015 година. На лицитацијата во декември минатата година немало заинтересирани купувачи, но тогаш немало и никакво предупредување за минското поле.