И 2021 ГОДИНА ЌЕ БИДЕ ВО ЗНАКОТ НА КОРОНАТА
Според здравствените експерти, доколку Македонија се одлучи на мерка за масовна задолжителна вакцина на целото население, тогаш би можело да се размислува да се активира т.н медицинската резерва на лица во пензија или можеби студенти да го вршат вакцинирањето
Секојдневието со пандемијата во светот честопати на површина исфрла нова димензија или терминологија за проблемите што ги носи заразата и за можностите за справување со неа. Најново во светски рамки е зачестената употреба на терминот медицински резервен состав, кој по многу нешта во своето значење и намена за време на здравствената криза потсетува на терминот резервниот состав на армијата или полицијата за справување со различни видови кризи.
Во свој анализа на оваа тема, американскиот магазин „Њујоркер“ информира дека властите во Филипини наредиле општа мобилизација на медицинските работници, а резервниот состав од пензија бил вратен на своите работни места да помогне за полесно справување со предизвиците на пандемијата со коронавирусот.
Новинската агенција „Дојче веле“ забележува дека во тамошната јавност постојат размислувања за реактивирање на пензионерите и студентите како медицински резервен состав во работата на германските болници во моменти кога ќе пристигне првата вакцина за болеста.
Во контекст на актуелните случувања, на здравствената криза со која се справува и Македонија за обележување се последните публикувани информации од Владата на Македонија, дека во овој сектор во земјата работат вкупно 19.123 медицински работници.
Натаму, Македонија располага и со соодветен број студенти медицина, кои доколку пристигне вакцината и се јави потреба за масовна имунизација, би можеле да им помогнат на здравствените власти. Имено, од Асоцијацијата на специјализанти и млади лекари (АСМЛ) за медиумите информираат дека во просек годишно медицински факултет завршуваат по 280 студенти, кои потоа се вработуваат во медицински институции во државата и во странство.
Од друга страна, пак, поради непостоење на попис во државата повеќе декади, останува енигма официјално колку пензионирани македонски здравствени работници над 65 години во моменти кога ќе се вакцинира населението ѝ стојат на располагање на државата.
Универзитетскиот професор Никола Пановски вели дека, справувајќи се со пандемијата, секоја држава до максимум ги искористува расположливите човечки ресурси. Според него, во Македонија бројот на активниот медицински персонал, без да се активираат пензионерите и студентите, засега е сосема доволен за справувањето со настаните, но подвлекува дека истовремено и не е адекватно искористен докрај. Пановски вели дека наместо да се активира резервниот состав на медицинските работници, ние во Македонија би можеле, доколку за тоа се јави конкретна потреба, како на пример масовно вакцинирање на населението, и повеќе да ги искориситиме стручните кадри што се лоцирани во медицинскиот факултет и кои во моментов можеби единствено се занимаваат со теоретски и академски прогнози на болеста, а отсуствуваат во практичната помош на терен.
– Јас мислам дека доколку во некоја точка стигне вакцината, државата ќе треба да направи процена дали ќе се вакцинираме сите или ќе се вакцинираат само медицинските лица, наставниците и ранливите категории. Откога ќе биде познато тоа, тогаш ќе биде можно со одреден добар план да се изврши и вакцинацијата. Имено, во моментов, користејќи ги сите расположливи медицински лица, кои не мора сите да се доктори, и користејќи ги медицинските центри, болници и установи на ден може да се вакцинираат меѓу 5 и 10 илјади лица. Па, во одреден период од приближно два месеца би можело да се вакцинираат во земјата барем 300 илјади лица, односно населението што има и најголема потреба од оваа мерка, а тука влегуваат пред сѐ ранливите категории, односно пензионерите и луѓето што директно работат со болни лица – вели Пановски.
Од ваквите бројки и проекции за евентуалната динамики на вакцинирање може да се извлечат и одредени генерални претпоставки дека вакцинирањето на целокупното население во државата може да потрае околу една година, под претпоставка дека во земјава има околу два милиони жители.
Професорот забележува дека во моментов има 16 постојни пунктови каде што безбедно може да се вакцинира против коронавирусот, но таа бројка може да се прошири и на 300 други медицински објекти што се лоцирани низ земјата и да се спроведе сето тоа на начин на кој се врши редовната имунолошка вакцинација на децата.
Сепак, според Пановски, доколку државата се одлучи на мерка за масовна задолжителна вакцина на целото население, тогаш би можело да се размислува да се активира т.н. медицинска резерва на лица во пензија или можеби на студентите да го извршат вакцинирањето.
– Тоа е едноставен процес со вшприцување вакцина, инјекција во надлактицата и за него нема некоја специјална стручност, па може дури да го прават и студентите од факултетот – резимира професорот.
Глобалната трка за производство на вакцина пред финиш
Секојдневно во светските медиуми се публикуваат информации поврзани со глобалната трка за производство на вакцини, во која суперсилите САД, Русија, Кина и Европската Унија информираат дека своите вакцини против ковид-19 ги тестираат на доброволци.
Во меѓувреме, последната вест на оваа тема неделава пристигна од Русија. Тамошните власти соопштија дека вакцината против коронавирус што ја направил институтот „Николај Гамалеј“ од Москва ќе почне да се применува на 15 август.
Според руските медиуми, во тек е финалната постапка и експертите сега треба да дадат согласност за издавање официјална регистрација и дозвола за широкораспространета употреба на вакцината.
Медиумите истакнуваат дека првите корисници на вакцината ќе бидат луѓе од оние професии што може да бидат заразени од вирусот во секојдневната работа, односно станува збор за медицинските работници, полицајците, војниците и за наставниците.
Масовната вакцинација во Русија се очекува да почне за половина година.
Претходно слични информации за развој на вакцина најавија и власите во САД и во Европа, кои информираа дека трката за производство ја предводат американските компании „Модерна“ и „Пхизер“, германската „Бонтеч“ и британската „Астра Занека“.