Кина воведе нови повисоки тарифи за над сто американски производи, вклучувајќи ги и свинското месо и виното, како одговор на одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп за увозна такса на челикот и на алуминиумот. Сепак, некои од експертите оценуваат дека релативно слабиот одговор на Кина значи дека Пекинг остава простор за преговори, за да ја избегне отворената трговска војна
Кина воведе нови повисоки тарифи за над сто американски производи, вклучувајќи ги и свинското месо и виното, како одговор на одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп за увозна такса на челикот и на алуминиумот. Со тарифите, кои за некои производи се до 25 отсто, е погоден извозот на производи од САД, во висина од над три милијарди долари. Пекинг претходно соопшти дека не сака трговска војна со Вашингтон, но предупреди дека нема да седи мирно додека страда кинеската економија. Кинески претставници порачаа дека најновиот чекор има цел да ги заштити интересите на Кина и да ги „избалансира загубите предизвикани од американските тарифи“. Сепак, некои од експертите оценуваат дека релативно слабиот одговор на Кина, значи дека Пекинг остава простор за преговори, за да ја избегне отворената трговска војна. Кинеското министерство за трговија соопшти дека новите увозни такси за над 120 американски производи се во сила од вчера.
На свинското месо од САД давачката ќе биде 25 отсто, додека, пак, на другите производи и услуги, вклучувајќи ги и овошјето и виното, воведена е такса од 15 проценти. Одлуката за воведување на таксата е донесена по повеќенеделни предупредувања на кинеските претставници до Вашингтон да го преиспита воведувањето на увозните давачки од 25 отсто за челикот и десет проценти за алуминиумот. Кинеските власти соопштија дека се надеваат оти САД ќе ги укинат неодамна воведените тарифи што е можно побрзо, за да се нормализира трговијата помеѓу двете земји. – Се надеваме дека што е можно побргу САД ќе ги укинат мерките што се спротивни на правилата на Светската трговска организација (СТО), тоа ќе помогне за повторно враќање во нормална состојба на трговијата на производи помеѓу САД и Кина – се наведува во соопштението на кинеското министерство за трговија. Според кинески претставници, делумното суспендирање на исполнувањето на кинеските обврски кон САД кореспондира со легитимните права на Кина како членка на СТО. Вашингтон, како што наведува Би-би-си, пак, тврди дека сето ова е предизвикано од кинеското крадење интелектуална сопственост.
Според американската страна, ако меѓународните компании сакаат да работат во Кина, тие мора да ја предадат својата интелектуална сопственост за привилегијата и така, на пример, германската технологија за брза железница завршува во рацете на кинеските инженери. Сега, откако стапија во сила кинеските контратарифи, сѐ погласни се оние што изразуваат загриженост дека потенцијалната тарифна војна не е начин за решавање на проблемот. Покрај тоа, тука е и вкупната нерамнотежа во трговијата помеѓу САД и Кина, а големиот кинески суфицит значи дека Кина потенцијално е многу повеќе изложена во трговска војна отколку Америка. Поради таа причина, Пекинг ќе се обиде преку преговори да се реши ескалирачката трговска војна. Затоа првичните кинески тарифи се „релативно благи“, но се одговор на првата рунда на тарифи од САД, а Вашингтон веќе најави нова рунда. Иако цел на американските тарифи е Кина, која го преплавува светот со евтин челик и алуминиум, а САД тврдат и дека „краде технологија“ или ги принудува странските компании да ѝ ја предадат, овие мерки ќе погодат и многу други земји. На некои земји, меѓу кои се членките на ЕУ, Канада и Мексико, администрацијата на Трамп им одобри привремено изземање од плаќањето нови такси, до завршувањето на преговорите.
Лидерите на членките на ЕУ меѓутоа предупредија дека сѐ додека Вашингтон не обезбеди целосно изземање на таксите за Унијата, го задржуваат правото да им одговорат на САД со соодветни мерки и на пропорционален начин. И додека меѓу некои европски претставници се зборува за трговска војна, германската канцеларка Ангела Меркел на крајот од март изјави дека е важно да се избегне „спиралата на трговски мерки“, поради кои сите ќе загубат, а францускиот претседател Емануел Макрон, пак, порача дека стратегијата на САД е лоша. Американскиот претседател претходно потпиша меморандум „За борба против економската агресија на Кина“. Трамп изјави дека го почитува кинескиот претседател Си Џинпинг, соработката со Кина за Северна Кореја, но додаде дека „има трговски дефицит“. Тој дефицит се проценува меѓу 375 милијарди и 504 милијарди долари. Поради кражба на интелектуална сопственост во вредност од стотици милијарди долари, Трамп одлучи да го примени членот 301 од Законот за трговија од 1974 година, кој овозможува да се воведат забранети царини. Под нив ќе се најде кинеска стока во вредност меѓу 50 и 60 милијарди долари. Конечниот список на стоки ќе биде објавен во наредните две недели. Освен тоа, против Кина ќе биде подготвена и тужба во СТО. Според СТО, со еднострана американска одлука за воведување царина од 25 отсто на увоз на челик и десет отсто на увоз на алуминиум им се дава право на американските трговски партнери да одговорат на ист начин.
Новиот претседател на американските Федерални резерви, Џером Пауел, по одлуката на Трамп изрази резервираност за трговските санкции. На сослушувањето во Сенатот оцени дека „царините не се најдобар начин“ и потсети дека „генерално“ трговијата има „позитивно влијание“ врз економијата. Царините на увезените производи би можеле да доведат до зголемување на цената во различни сектори. Но далеку од тоа е и дека воведувањето високи царини ќе ги зачува работните места или нивното отворање. Американските здруженија на фармери изразија жалење поради новите мерки на Трамп, истакнувајќи дека со желбата да заштити производители на челик и алуминиум, тој отвора пат за противмерки што тешко ќе погодат други сектори, како што е земјоделството. Во 2002 година претседателот Буш воведе царини за челик што беа во сила 18 месеци. Во тој период речиси 200.000 американски работни места трпеа последици од таа протекционистичка мерка, наведуваат економисти од „Оксфорд економист“ во документ објавен минатата недела, кој се темели на истражување спроведено во тоа време. Очигледно е дека американските царини за челик и алуминиум ќе бидат кобни и за сосема други стопански гранки и дека целата таа трговска војна ќе предизвика последици што тешко можат да се предвидат. Директорката на ММФ, Кристин Лагард, повика на смирување на страстите, но истовремено ја предупредува Кина дека треба да ги намали своите преголеми капацитети од челичната индустрија. Европското здружение на производители „Еурофер“ проценува дека американските царини ќе предизвикаат голем пад на европскиот извоз во САД. Првите процени укажуваат на намалување од 50 отсто, па и повеќе. Во студија на Американската економска асоцијација се нагласува дека во американската индустрија на челик меѓу 1962 и 2005 година се укинати три четвртини работни места.