Наводна хакерска група која се огласува преку твитер-налогот АнонОпсМКД тврди дека извршила сајбер-напади врз интернет-страниците на Министерството за здравство, Министерството за образование и наука, како и врз сајтот на славната пејачка Дуа Липа, во знак на револт поради нејзината објава на мапата на т.н. „голема Албанија“ на Инстаграм. Тие наведуваат дека ја хакирале и официјалната интернет-страница на уште една позната пејачка со албанско потекло, Рита Ора.
Министерството за здравство информираше дека веб-страницата на ресорното министерство е хакирана и моментно не функционира, како и оти не функционираат ниту службените мејлови на вработените во институцијата.
– Во моментов се истражува што точно се случило, како и за колку време ќе се реши проблемот за што дополнително ќе информираме – се вели во соопштението на МЗ.
Веб-страницата на Министерството за образование и наука, пак, не функционира од вчеравечер, а МОН потврдија дека е хакирана. Од МОН информираат дека се работи на нормализирање на функционирањето на сајтот по хакерскиот напад.
АнонОпсМКД претходно јавно презема одговорност за сајбер-нападот врз агрегаторот на вести „Тајм.мк“ на денот на изборите, а тогаш упати и закани за нови напади.
„Нова Македонија“ веќе се обрати до Јавното обвинителство и до Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при МВР во врска со случајот.