Хамилтон има седум победи на трката во Унгарија, а рекордот за најмногу триумфи на една трка го држи Шумахер (осум во Франција). Со евентуален триумф, Хамилтон ќе се доближи до уште три рекорда на Шумахер (за вкупно победи, за искачувања на подиум и за најмногу трки со освоени бодови)

ФОРМУЛА 1 – В НЕДЕЛА ТРКА ВО УНГАРИЈА

Светскиот првак во Формула 1, Луис Хамилтон, в недела ќе се обиде да израмни еден рекорд на Михаел Шумахер, кога ќе вози на патеката Хунгароринг, за големата награда на Унгарија. Британецот од 2007 година до 2019 година победи седум пати на таа патека, а рекордот од најмногу победи на една трка, осум, го држи Германецот Шумахер, на трката за големата награда на Франција, во периодот од 1994 до 2006 година. Шумахер има и по седум победи на две трки, во Канада и во Сан Марино, а Хамилтон по седум пати славел и во Канада.

Шесткратниот светски првак Хамилтон сезонава може да го израмни рекордот на Шумахер за вкупно победи во Формула 1 (Британецот досега има 85 триумфи, а рекордот на Шумахер е 91 победа), потоа за искачувања на подиум (Хамилтон 152 пати се пласирал меѓу првите тројца на една трка, а Шумахер 155 пати), како и за најмногу трки со освоени поени (Шумахер 221, Хамилтон 215).
Минатите две години во Унгарија победи Хамилтон. Како и првите две трки сезонава, и таа во Унгарија ќе се одржи без гледачи поради пандемијата на коронавирусот. Сезоната во Формула 1 почна со неколкумесечно задоцнување, а досега е потврдено одржување на вкупно 10 трки.


РЕКОРДИ НА ШУМАХЕР ШТО МОЖЕ ДА ГИ ИЗРАМНИ ХАМИЛТОН СЕЗОНАВА

КАТЕГОРИЈА                      ХАМИЛТОН            ШУМАХЕР
Победи на иста трка                  7                         8
Вкупно победи 85 91
Пласман на подиум                 152                     155
Трки со освоени поени            215                     221