Статистичките показатели потврдуваат дека дебелината (прекумерна телесна тежина) е многу нагласен проблем во светот. Таа е особено присутна во развиените земји, каде што начинот на исхрана и слабата физичка активност се нејзини главни причини.
Прекумерната телесна тежина особено го загрозува физичкото, но и менталното здравје на децата и на младите. Консумирање брза храна богата во калории и седење со часови пред компјутерот или телевизиските екрани, а многу малку игра со децата на улица, речиси никаква физичка активност во вид на некој спорт, сето тоа прави телесната тежина кај младите да оди многу над пропишаната нормала. Она што го потврдува едно најново истражување е дека колку телесната маса е поголема, колку е поголем обемот на половината, толку е потенка кората на мозокот, феномен што е карактеристичен за староста.
Познато е дека зголемената телесна маса го загрозува севкупниот метаболизам и предизвикува поголема склоност за развивање дијабетес и кардиоваскуларни заболувања.
Но дали ексцесивната тежина исто така може да биде ризичен фактор за когнитивно пропаѓање? Ова прашање е разработено неодамна во студија на Универзитетот во Мајами во Флорида и објавено во списанието „Неврологија“. Во ова истражување е потврдено дека постои несомнена поврзаност помеѓу телесната маса, пресметана како БМИ (Body Mass Index), пројавена подоцна во животот со степенот на кортикално истенчување. Церебралната кора е најгорниот слој на мозокот, кој содржи големо количество сива материја, супстанција составена главно од нервните тела. Истражувачите го асоцирале истенчувањето на кората со когнитивно пропаѓање, кое, од своја страна, е здружено со поголем ризик за деменција. Се разбира, оваа поврзаност не е директно причинска, туку постои само асоцираност. Во оваа студија како базично внесување податоци се мерените телесни маси на учесниците и нивниот обем на половината. БМИ над 25-30 се смета за прекумерна тежина, а оние со БМИ над 30 се категоризираат како дебели. Учесниците, кои во над 50 проценти биле жени, имале и поголем обем на половината (над 40 инчи, т.е. над 101 см).
Кај оние учесници кај кои дебелината траела повеќе од шест години било правено скенирање на мозокот со магнетна резонанца.
Во студијата е потврдено дека луѓето со повисок БМИ и поголем обем на половината имаат истенчување на кората на мозокот, што имплицира дека дебелината е здружена со редуцирана сива маса на мозокот.
Овие асоцијации биле особено силно нагласени кај помладите од 65 години, кај кои зголемената телесна тежина е лош здравствен индикатор, кој го зголемува ризикот за мозочно стареење и проблеми со меморијата и мисловните процеси подоцна во животот. На ова како ризик се дополнуваат консумирањето алкохол, високиот крвен притисок и пушењето.
Поспецифично, кај луѓето со БМИ во вредности 25-30 за секоја единица на БМИ се потврдува истенчување на мозочната кора за 0,207 мм. Тоа значи, зголемувањето на БМИ и обемот на половината предизвикува стареење на мозокот за околу десет години.
Понатамошните анализи покажале дека постои асоцијација помеѓу јадењето големо количество лути пиперчиња или слична многу зачинета храна и ризикот за когнитивно пропаѓање.
При нормалниот старосен процес кај возрасните, севкупното истенчување на мозочната кора се движи помеѓу 0,01 и 0,10 мм за времетраење од една декада, додека кај дебелите овие процеси се многу забрзани.
Како и да е, овие резултати сепак се охрабрувачки, зашто сепак дебелината е променлив фактор, таков што може да се контролира, а не е генетски условен.
Ако се потрудат да изгубат тежина, луѓето може да бидат во состојба да ги сочуваат меморијата и мисловните процеси во својот мозок што доаѓаат со староста.
Контролирањето на телесната тежина би било битен елемент на кој треба да се внимава, а спаѓа во областа на јавното здравје.
Рапидното зголемување на телесната тежина претставува сепак медицински проблем. Најчестите фактори што придонесуваат за тоа се неправилна исхрана, недостиг од физичката активност, лош сон или нагласен стрес. Се разбира, дополнителен фактор што влијае тежината да се зголеми е консумирањето алкохол. Во медиумите секојдневно може да се најдат совети како за кратко време да се изгубат десетина килограми. Многупати се советуваат разни непроверени напивки, а, се разбира, сето тоа чини пари.
Сепак, најбитни елементи за губење на телесната маса би биле: подобрување на кулинарските обичаи, консумирање повеќе природни влакна, делење на оброците на почести и помали, пиење незасладени пијалаци, консумирање доволно витамин Д, консумирање пробиотици (кефир, јогурт), контрола на стресот со физички вежби или медитација, организирање семејни оброци, подолго џвакање, обезбедување доволно сон.
Она што е битно за нашата средина се некои традиционални навики што би требало да се контролираат. Имено, во нашата култура секаква веселба, прослава, свеченост итн. се проследени со неизбежна богата трпеза. Се јаде и пие за време на празниците (државни и верски), за време на родендени, матури, дипломирање, раѓање на дете, промоции, по закоп, комеморација, по симпозиуми или конгреси… Во таквите пригоди јадењето е без некаква контрола, како количински така и квалитативно. Да не спомнувам дека притоа и се пие неконтролирано. Култот на трпезата се одржува во многу семејства. Сето тоа доведува до прекумерна тежина. Кај нас е незамисливо гостите да ги пречекате само со кафе/чај или сок. Не сте добар домаќин ако не приготвите богата закуска или оброк. Овие навики остануваат во записот на мозокот на младите и тие продолжуваат да ги почитуваат. Дополнето со пасивниот стил на секојдневниот живот, тоа недвосмислено доведува до зголемена телесна маса. А, ете, покажавме дека таа е ризик за когнитивно пропаѓање и предвремено стареење.
Според тоа, пораката е: бидете умерени во исхраната и во пиењето, движете се и мислете на своите ментални функции постојано!