Со личен пример, повторно, сакаме да потсетиме дека Македонија може да ги врати младите дома, иако сметаме дека вистинскиот предизвик е потоа да ги задржиме тука, вели претседателот на Граѓанско Демократската Унија (ГДУ) Петар Колев, кој и самиот е млад претприемач кој се одлучи да се врати во Македонија за да живее, откако повеќе години работел и живеел во други европски земји. ГДУ во партиската структура, освен претседателот Колев има и уште неколку други членови кои работеле и живееле во европски држави и изминатите години се вратиле дома, покрај другото и со мисија да направат промена на нефункционалниот систем кој беше создаван изминативе 30 години во Македонија.
– Предвидливоста на условите за бизнис во европските држави дава ветар во грбот на секој школуван ентузијаст, затоа и иселениците се снаоѓаат во странство и за вработување, па и за развивање на сопствен бизнис. Но таа бизнис предвидливост ја нема во Македонија. Покрај бирократските и административни обврски што еден бизнис треба да ги исполни, има и неофицијални условувања – како што се партиски книшки и слично кои ја убиваат желбата за бизнис во Македонија, а и желбата за вработување кај младите. Потребни се коренити и стемски промени, како и реформи во образованието, здравството, економските услови за да младите останат дома. Зашто младите знаат како да заработуваат, имаат знаење, ама им недостигаат фер услови за бизнис, како и вработување на способните, наместо на подобните – вели Колев.
Системските промени се најтешки за реализација бидејќи Македонија веќе 30-тина години е заложник на три големи политички партии СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ кои покажаа склоност за манипулирање со системот за лично да се одржат на власт, како и да ја искористат таа власт првенствено за лични бенефиции.
– Промените во Македонија се неопходни и единствено можни ако граѓаните, особено оние кои се неопределени гласачи и кои вообичаено ги игнорираат изборите од разни причини, следната недела во среда се одлучат да ја искористат својата моќ да ги размрдаат големите партии. Исто како што и пред речиси четири години одлучија да се вклучат на Парламентарните избори и да донесат голема промена. Но, за жал видовме дека иако имаше некое поместување и промена, дека сепак тоа не беше доволно за коренити системски промени што силно сите ги посакуваме. На овие избори, потегот е повторно нивен. ГДУ смета дека овие избори се вистинскиот момент на политичката сцена да се наметне третата партија, избор кој ќе им ги нарушува плановите и пазарите на големите играчи. ГДУ верува дека институциите треба да бидат водени од професионалци. Најважните одлуки и развојни планови за државата да ги носат експерти во своите области, а за некои области како судството, знаеме дека треба да побараме експертска помош од странство, зошто тука корупцијата го достигнува својот зенит. Приклучете се во нашата мисија – овие ставови и вредности да ги однесеме во парламентот и оттаму да продолжиме да бидеме погласни и институционално влијателни – дообјаснува Колев.
Според ГДУ најважна работа на светот за секој потенцијален гласач е неговото семејство, односно децата и нивната иднина. А, за да го ресетираат нефункционалниот систем, треба да изберат политичари кои ќе овозможат да се изградат институции кои во центарот ќе го стават граѓанинот и неговите права, а не политичкиот естаблишмент.