Со Фон дер Лејен как о претседателка на Европската комисија и со Меркел на чело на претседателството на Европскиот совет, Европската Унија ќе биде предводена од две Германки со долга историја, а континентот можеби никогаш повеќе нема да биде ист
Ангела Меркел и Урсула фон дер Лејен
Општо земено, домот на Урсула фон дер Лејен е во Брисел. Ова е местото каде што таа ги помина првите 13 години од животот. За мене, патувањето во Брисел е поврзано со чувството на враќање дома, вели таа. Поконкретно, домот на Фон дер Лејен е простор од 25 квадратни метри во седиштето во Брисел на Европската комисија, со која таа раководи. Фон дер Лејен спие во мал стан поврзан со нејзината канцеларија преку незабележлива врата. Таа понекогаш го поминува викендот во близината на Хановер, каде што живее нејзиното семејство – друг дом. Потоа тука е Берлин, каде што Фон дер Лејен беше министерка 14 години. Интелектуално гледано, тоа е, исто така, нејзин дом, особено кога е на телефон со германската канцеларка Ангела Меркел.
За време на тие повици, двете уживаат во разговорите. Фон дер Лејен сака да знае за што се дискутирало меѓу министрите од Христијанско-демократската унија (ЦДУ) и нејзината сестринска баварска партија, Христијанско-социјалната унија (ЦСУ), пред состаноците на кабинетот. Меркел, пак, сака да знае кој како размислува во рамките на ЕУ. Двете си испраќаат пораки секој ден.
Нивната комуникација сигурно е зголемена од 1 јули, кога Германија го презеде ротирачкото претседателство на Европскиот совет на половина година. Од таа точка, две Германки ќе ја водат ЕУ, две жени што имаат долга заедничка историја и многу различни историски односи со Европа.
Ќе им биде тешко. Германското претседателство на Советот доаѓа во време кога ЕУ е многу послаба од претходно поради внатрешните поделби, брегзит, борбата меѓу Кина и САД што ја маргинализира Европа, како и кризата со ковид-19, во чии почетоци земјите-членки на ЕУ се фокусираа само на себе.
Во тоа време, ЕУ се чинеше дека е жртва на пандемијата. Работите сега изгледаат подобро, но германското водство со ЕУ е „тежок предизвик“, како што вели германскиот министер за економија Питер Алтмаер од ЦДУ.
За Меркел и за Фон дер Лејен личните влогови се исто така високи. Втората сака да ги натера луѓето да го заборават нејзиниот тежок почеток како шефица на Комисијата. Првата сака да го обезбеди своето европско политичко наследство, кое досега беше мошне слабо. Тие зависат една од друга, но веќе го знаат тоа.
Долго време, Меркел (65) и Фон дер Лејен (61) имаа врска како меѓу наставничка и ученичка. Кога Меркел стана канцеларка во 2005 година, тие беа сметани како демохристијански тим од соништата. Врската се разлади кога Фон дер Лејен не беше назначена за германски претседател во 2010 година, како што очекуваше. Подоцна, откако Фон дер Лејен стана министерка за одбрана, Меркел мораше да признае дека како и нејзините претходници, нејзината штитеничка не беше во можност да ја воспостави контролата врз министерството.
Во летото 2019 година, францускиот претседател Емануел Макрон даде идеја да ја направи претседателка на Комисијата на ЕУ, идеја што не дојде од Меркел. Канцеларката веројатно беше малку нервозна поради заминувањето на Фон дер Лејен во Брисел.
Таа повеќе не мораше да се придржува кон дисциплината во кабинетот зашто го претставуваше интересот на Европа, исто колку и интересот на нејзината поранешна шефица. Гледано поинаку, сега е момент Фон дер Лејен да го расчисти нередот во Европа што беше направен за време на ерата на Меркел.
Првото претседателство со Советот на Меркел се случи во првата половина на 2007 година и таа брзо стана лидерка на Европа. Набргу потоа избија финансиската криза и кризата со еврото. Германија подобро се справи со кризата од повеќето земји на ЕУ и на тие што се соочуваа со проблеми им беше потребна поддршката од Меркел.
Канцеларката можеше да стане неприкосновена лидерка на Европа, но тоа ќе бараше поголема дарежливост. Таа само обезбеди пари за послабите земји под строги услови. Грција се чувствуваше угнетено, па некои таму ја споредија канцеларката со Хитлер.
Набргу потоа, Европа се соочи со бран мигранти. Без консензус со другите земји, Меркел ги покани мигрантите заглавени во Унгарија да влезат во Германија, одлука што доведе до следниот голем конфликт.
Гледајќи назад на речиси 15-годишниот мандат на Меркел како германска канцеларка и водечка политичарка во ЕУ, се формира одредена слика. Европа не можеше да договори хуманитарна политика, демократијата е сериозно нарушена во Унгарија и во Полска, а Британија ја напушти ЕУ и сè уште нема договор за тоа како таа и блокот ќе се справат едни со други во иднина. Во Европа, спорот за парите го подели континентот на север и југ, улогата на националната држава одново е во подем, додека европската заедничка политика, отелотворена од Брисел, се повлекува во втор план.
Кога станува збор за плановите за визионерство, Европа стана тажно место. Се разбира, ова не е само вина на Меркел, но како шефица на најмоќната земја на ЕУ, таа носи голем дел од вината.
Има многу шпекулации зошто Меркел не стана страсна Европејка како бившиот канцелар Хелмут Кол. За разлика од него, таа не ја искуси војната и како дете на комунистичка Источна Германија, таа не беше одгледана како (западна) Европејка како Западногерманците од нејзината генерација. Во нејзините рани години како политичарка, таа прво мораше да докаже дека е добра Германка, поточно, добра претставничка на обединета Германија. Можеби тогаш и се вгради националниот менталитет „Германија на прво место“.
Фон дер Лејен, од друга страна, е од Западна Германија и не треба да докажува дека може да ги претставува германските интереси. Уште во 2011 година, таа се залагаше за „Соединети европски држави засновани врз моделот на сојузните држави Швајцарија, Германија или САД“. Таа беше среќна што успеа да се „врати дома“ како шефица на Комисијата. Но кога изби пандемијата, Фон дер Лејен, која има докторат по медицина, во почетокот не беше добра лидерка. Со зголемувањето на бројот на заразени лица, Германија, Франција, Австрија, Чешка и многу други земји ги затворија своите граници. Фон дер Лејен беше турната настрана.
Кога животот на нивните граѓани беше доведен во прашање, лидерите во Берлин, Париз и во другите европски престолнини јасно ставија до знаење колку им е битна Европа. Граничните контроли се симболична мерка во ЕУ, која претставува спротивност на обединета Европа. Сепак, Фон дер Лејен ги прифати без противење.
Сега таа има можност да ја зголеми улогата на Комисијата и токму Меркел, која е евроскептик, го отвори патот за ова. Заедно со Макрон, таа предложи план за обновување на Европа во кој канцеларката се согласи да им овозможи на државите да добијат грантови што не треба да ги враќаат, наместо заеми. На ЕУ ќе ѝ биде дозволено да ги добие парите преку заеми. Макрон и Меркел издвоија 500 милијарди евра, а Фон дер Лејен додаде уште 250 милијарди евра. Со ова, Комисијата може да дистрибуираа речиси двојно повеќе пари во наредните неколку години и нејзиното влијание соодветно да се зголемува.
Во меѓувреме, официјалната програма за германското претседателство со Советот на ЕУ главно се фокусира на коронавирусот и нејзините последици, како и на брегзит, односот со Кина и реформата на европската политика за бегалци. Засега, партнерските земји се оптимисти за германското претседателство и заедничкото раководство на Меркел и на Фон дер Лејен. Од друга страна, во Германија не се очекува некаков отпор кон проевропската политика на Берлин, освен од десничарската популистичка Алтернатива за Германија (АфД), која беше основана како антиевропска партија.
Со толку голема поддршка, Меркел може дури и да си дозволи да ризикува малку визионерска амбиција. Неодамнешната изјава на Меркел, на пример, беше изненадувачка. Таа рече дека треба да се разговара сериозно за тоа што Европа не може да го прави доволно добро. Тоа, според неа, може да вклучува и промени на договорите и меѓусебно приближување.
Меркел, пред сѐ, размислува за надворешната политика. Таа често нагласува колку е важно Европа да претстави обединет фронт доколку не сака ЕУ да биде притисната меѓу САД и Кина. Првиот чекор ќе биде да се запре практиката секоја објава за надворешната политика да се координира со секоја членка на ЕУ.
Хаотичната реакција на ковид-19, исто така, ја натера Меркел да размисли за поблиска унија. Во заедничкото писмо со Макрон и со другите национални лидери до Фон дер Лејен, таа тврди дека последните неколку недели ги отворија прашањата за подготвеноста на ЕУ за пандемии и ја истакнаа потребата за сеопфатен европски пристап. За канцеларката Меркел, која ги менува договорите и повеќе не ја гледа политиката на ЕУ од чисто германска перспектива, тоа навистина би било нешто ново.