Во работна посета на ЈП „Стрежево“ денеска беше заменик-министерот за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули. Во рамките на работната посета тој оствари средба со директорот на претпријатието, Методија Граматковски.
– На средбата покрај одличната досегашна соработка ја истакнав потребата од дополнителна поддршка на проекти од доменот на водите, кои ќе бидат од витално значење за благосостојбата на граѓаните на Битола и регионот. Во надлежност на Министерството за животна средина и просторно планирање е законот за водите, а ние како институција која стопанисува со води и има дозвола за зафаќање, користење и акумулирање на вода, имаме заедничка обврска да ги реализираме сите мерки и активности за рационално и ефикасно користење на водите, одржлив развој на водните ресурси, како и заштита на водите и заштита од штетното дејство на водите. Претпријатието останува посветено на својата примарна цел – достапност до
доволно количество квалитетна вода, заштита, зачувување и постојано подобрување на расположливите водни ресурси, како и прогресивно намалување на штетните испуштања и елиминирање на емисии на опасни материи и супстанции во водите со кои стопанисуваме. Од страна на заменик-министерот за животна средина, Јани Макрадули,
добив уверување дека ќе бидат вложени максимални напори, за успешна реализација на проекти со цел заштита на животната средина и подобрување на квалитетот на животот на граѓаните – изјави по средбата директорот на ЈП „Стрежево“ Методија Граматковски. М.М.