Полицијата ја расчисти зоната во близина на центарот на Сиетл која демонстрантите ја држеа под контрола во изминатите три недели, пренесуваат светските медиуми.
Дел од незадоволните граѓани кренаа барикада во обид да го спречат влегувањето на полицијата во т.н. „автономна зона“. Припадниците на законот влегоа во зоната утринава по наредба на градоначалничката на Сиетл, Џени Дуркан.
Шефицата на полицијата на Сиетл, Кармен Бест, истакна дека областа станала „анархична и брутална“, додека полицијата упати предупредување дека ќе ги уапси сите демонстранти што ќе се вратат во областа.
Полицијата соопшти дека 32 лица биле уапсени поради поседување на оружје, напад и непочитување на наредбите за напуштање на зоната.
Шесте блокови на окупирани улици во Сиетл, познати како „Организираниот протест Капитол Хил“ или „ЧОП“, станаа средиште на антирасистичките протести во САД. „ЧОП“ која првично се нарекуваше „Чаз“ се најде во центарот на вниманието по низата судири меѓу демонстрантите и полицијата кои кулминираа со напуштањето на полициската станица во областа од страна на припадниците на полицијата.
Во изминатите три недели во „ЧОП“ имаше и пожари, а беа забележани барем четири оружени инциденти (во претходните 10 дена) во кои најмалку две лица ги загубија животите од шестмината што беа застрелани, според полицијата.
На улиците на самопрогласената зона без полиција беа организирани бројни говори, предавања и прикажувања на филмови. Областа беше исполнета со барикади има знаци со натписите „Ова е само почеток“ и „Запомнете за кого се бориме“, како и со слоганот „Црните животи значат“.
Беа истакнати и повеќе барања за време на окупацијата, но главните три вклучуваа намалување на финансирањето на полицијата, користењето на тие пари за инвестирање во здравствените услуги во заедницата и отфрлање на криминалните обвиненија против учесниците во протестот.