Втор чин во одговорот на пандемијата

Пред дванаесет години, владите во најголемите светски економии реагираа брзо и ефикасно на финансиската криза. Беа национализирани банките што беа во криза, монетарната политика стана особено активна, се обезбеди масивна фискална поддршка, а се оствари интензивна светска координација.
Но се направија големи грешки што оставија последици, кои се јавуваа постепено. Неказнувањето на одговорните за финансиската криза го отвори патот за популистичкиот подем во последните години. Европската економија постојано се бореше со проблеми, затоа што банкарските прашања премногу долго се игнорираа, а фискалната поддршка беше прерано повлечена. Ова нанесе длабоки социоекономски и политички лузни, кои особено станаа видливи кога пристигна корона-кризата. Дали ќе се избегне слично сценарио? Ова е клучното прашање во вториот чин од кризата со пандемијата.

Веќе е очигледна огромната разлика во влијанието на пандемијата врз земјите. Велика Британија забележа 650 смртни случаи на милион жители, додека стапката на смртност во Јужна Кореја на милион е само пет. Исто така, бројот на жртвите во ЕУ е стопати поголем во погодените земји отколку во најдобро заштитените. Вирусот ненадејно прво се рашири во Италија, а државите од Североисточна Европа го очекуваа и имаа време да се подготват. Разликите во одговорот произлегуваат од нерамномерната ефикасност на јавните здравствени политики. Во овој поглед, рангирањето најверојатно ќе ги стави Источна Азија далеку пред сите, Германија пред остатокот од Европа, а САД на дното на листата на развиените земји, додека Бразил и Индија заостануваат многу зад некои понеразвиени земји. Гневот кон државите што не успеаја да го заштитат својот народ ќе биде главен фактор во обликување на идните политички случувања.

Строгите рестрикции се покажаа ефикасни, но погубни за економијата. Поради подецентрализираниот и приспособлив одговор, Германија беше во можност да ги минимизира економските штети од пандемијата на вирусот. Нејзината стратегија ја покажа светлата страна на федерализмот, додека САД ја покажаа темната страна.
Фискалните одговори беа неверојатно хомогени низ цела Европа, со тоа што владите спроведоа програми за кредитни гаранции што им помогнаа на фирмите да бидат ликвидни, а со програмите за задржување на работните места, државата ги презеде трошоците за платите на вработените на принуден одмор. Ова беше брз и ефикасен одговор, при што бизнисите беа спасени, работните места се зачуваа и се заштити приходот на домаќинствата. Од друга страна, во САД масовно се отпуштаа работници, а невработеноста рапидно се зголеми. И покрај владината дарежливост, надоместоците за невработени, даночните олеснувања за домаќинствата и грантовите за мали фирми што требаше повторно да ги вратат работниците на работа не ги спречија тешкотиите.

Онаму каде што спласна пандемијата, фокусот повеќе се става на темпото и капацитетот на економското закрепнување. ОЕЦД и ММФ истакнаа дека Италија, Шпанија, Франција и Велика Британија се најсилно погодени од кризата. Нивните економии се вратија во функција, но колкав дел од изгубеното производство ќе надоместат? По светската финансиска криза, на Шпанија ѝ беа потребни осум години за да го врати стариот БДП по жител, а тоа допрва треба да се случи во Италија и во Грција. Сегашниот ризик е дополнително слабеење на Јужна Европа.
За да се избегнат трајни последици, главниот приоритет е да се продолжи со поддршката за обновување онолку долго колку што е потребно. Ризикот од дополнителен јавен долг е многу реален, но ризикот од економското намалување е уште посериозен и од фискална гледна точка. Дефицитите сега се незначителни на краток рок (иако можеби сериозни на долг рок, поради што со јавните финансии мора да се управува одговорно). Сè уште има фискален простор што мора да се користи мудро. Владите треба да продолжат да ја играат улогата на купувачи, но како последна опција.

Сепак владината помош не е доволна. Втор приоритет е да се спречи наплив на банкрот. Многу деловни субјекти сериозно настрадаа. Добредојдена беше помошта за опстанок, но не е лек на долги патеки. Затоа мора да се најдат решенија за компаниите што опстанаа, но имаат големи долгови зад себе. Владите мора да воведат масовно преструктурирање на долгот. Со можности за одложено плаќање данок и гаранциски програми, владите станаа главни кредитори на голем број мали бизниси. Во заедничкиот труд со Оливие Бланшар од институтот „Питерсон“ и Томас Филипон од Универзитетот во Њујорк, предложивме да им се стави до знаење на приватните кредитори, како банките, дека владите ќе ги поддржат одлуките за преструктурирање на долгот на фирмите.

Владите исто така треба да помогнат во решавањето на последиците од недоволната продуктивност. Здравствените стандарди сериозно влијаат врз профитабилноста на некои сектори. На пример, во рестораните сега ќе се послужуваат помалку клиенти со ист број вработени. Вежбалниците мора да ангажираат дополнителен персонал за одржување на хигиената. За да се ​​ограничи влијанието од недоволната продуктивност, заедно со Бланшар и Филипон предлагаме привремени субвенции за плати. Ова може да спаси работни места во време на голем скок на невработеноста.
Најлошото од пандемијата заврши, барем во Европа, а вестите најверојатно ќе останат добри во наредните недели. Со обезбедување поддршка за вработените и фирмите, владите досега ја завршија својата работа, но ова беше само првиот чекор. Најважно е да ја одржуваат економската поддршка онолку колку што е потребно и да преземат нови мерки за да не се предизвикаат трајни штети.

Авторот е висок соработник на бриселската експертска група „Бројгел“ и повремен соработник на институтот за меѓународна економија
„Питерсон“, а исто така е шеф на институтот на Европскиот универзитет на почесното место на Томазо Падуа-Скиопа.