За причините за поставување на „бугарската“ рампа на патот на Белград кон Брисел јавно проговори и српската премиерка Ана Брнабиќ, која посочи на однесувањето на Бугарија што иницира прашања за положбата на малцинствата
Начинот на кој официјална Софија ја подразбира политиката на „добрососедство“, а која во континуитет е спроведувана кон Македонија, деновиве на своја кожа го почувствува и Србија. Иако нашиот северен сосед има подготвено пет поглавја за преговори со Европската Унија, за време на шестмесечното претседавање на Хрватска не беше отворено ниедно. На ветото што беше дадено од Германија, која во чекор е следена од хрватските политичари, се приклучи и Бугарија, која во секоја пригода се обидува да ги спроведе своите теснонационални интереси кога станува збор за решавање на билатералните спорови со соседните држави.
За причините за поставување на „бугарската“ рампа на патот на Белград кон Брисел јавно проговори и српската премиерка Ана Брнабиќ, која на телевизијата Пинк објасни дека официјална Софија во одреден период „ги затегнува“ односите меѓу двете земји.
– Владата на Бојко Борисов повремено знае да го постави прашањето за положбата на бугарското малцинство. Тоа е за неверување. Бугарија иницира прашања за положбата на малцинствата, а кај нив не постојат институции што се занимаваат со проблемите на националните малцинства – изјави Брнабиќ.
Дипломатот Зоран Миливојевиќ објаснува дека причините за неотворањето на поглавјата се исклучиво политички.
– Не само Бугарите туку и Хрватите ги оспоруваат нашите преговори поради прашања за нивните национални малцинства, иако состојбата на Србите во овие земји е многу понеповолна – вели Миливојевиќ за „Република“.
Според Владислав Јовановиќ, поранешен шеф на дипломатијата на Србија, ова не е прв случај балканските земји што се членки на ЕУ да ја користат или злоупотребуваат позицијата во европското друштво и својата согласност да ја условуваат со одредени отстапки од другата страна.
Македонија во досегашните преговори за почнување преговори за пристапување во ЕУ беше изложувана на голем број притисоци од соседните „европски“ земји, пред сѐ од Грција, која бараше голем број отстапки од наша страна, што на крајот резултира со потпишување на Преспанскиот договор и промена на името на државата. Во последните месеци од Бугарија, исто така, од претставниците на највисоката извршна власт, се испраќаат уценувачки пораки на сметка на македонскиот идентитет и македонскиот јазик. Власта во Софија со години го негира постоењето на македонското малцинство во Бугарија и одбива да ги почитува меѓународните пресуди што се во корист на здруженијата на Македонците.
Окружниот суд во Благоевград и Апелацискиот суд во Софија одбиваат да го регистрираат Здружението на репресирани Македонци во Бугарија жртви на комунистичкиот терор, кое го доби последниот спор во Стразбур против бугарската држава.
Адвокатот Тони Менкиноски потсетува дека во моментов Бугарија е под мониторинг на Советот на министрите поради неспроведување на претходните одлуки на судот во Стразбур што се однесува за правото на здружување.
– Ние во Бугарија имаме една партија, која има околу осум илјади члена, ОМО Илинден Пирин, која исто така го доби предметот во Стразбур. Сакајќи да го избегне тој процес, Бугарија ја префрлаше вината на правосудниот систем. Бугарија агресивно се служи со напади за да се извлече од ситуацијата. Наместо да го демократизира своето општество и да ги признае малцинствата и да почне да зборува за добрососедство, Бугарија настапува агресивно, негира јазик и историски личности – изјави Менкиноски.
Македонија е изложена на нова блокада од Бугарија. За можното ставање вето на пристапните преговори на Македонија со ЕУ се закани и европратеникот Андреј Ковачев, кој доаѓа од партијата ГЕРБ на премиерот Бојко Борисов. Тој вели дека е против стопирање на работата на комисијата за историските прашања поради изборите во Македонија. Отежнувачка околност за нас се и препораките од лидерите на ЕУ за „решавање на билатералните прашања“, а експлицитно се наведува и договорот со Бугарија. Договорот со Бугарија за историските прашања е клучен за напредокот кон ЕУ, а тоа се наведува и во декларацијата на самитот во Загреб. Нашиот источен сосед како услов ги поставува прашањата за македонскиот јазик и македонското малцинство, како и голем дел од нашата историја.
Бугарската влада усвои и декларација, која содржи 20 услови и закани за блокада на Скопје на патот кон ЕУ. Дали тие ќе станат дел и од преговарачката рамка на ЕУ за Македонија останува сѐ уште отворено прашање. Како што е познато, Софија јасно даде до знаење дека преговарачкиот процес ќе го услови со резултатите од работата на комисијата за историски и образовни прашања, која е заглавена на Гоце Делчев, како и со користењето на терминот службен јазик на РСМ наместо македонски јазик.