Зборував со Рафа и тој има дилеми за тоа на кои турнири сака да игра. Распоредот е нереален, особено за искусните играчи, кои не можат да се натпреваруваат толку многу недели едноподруго, вели Тони Надал, тренерот на Рафаел Надал, а Енди Мареј смета дека „не е безбедно играчите што ќе стигнат далеку на турнирот во Њујорк потоа да играат на земјен терен во Париз“
Шпанскиот тенисер Рафаел Надал најверојатно нема да може ги одбрани двете титули од САД опен и на Ролан Гарос годинава, со оглед на згуснатиот распоред и уште не е сигурен на кои турнири ќе настапи во продолжението од сезоната.
– Зборував со Рафа и тој има дилеми за тоа на кои турнири сака да игра. Распоредот е нереален, особено за искусните играчи, кои не можат да се натпреваруваат толку многу недели едноподруго – изјави чичкото и долгогодишен тренер на Шпанецот, Тони Надал за ЕСПН.
Поради кризата предизвикана од пандемијата на коронавирусот, одложените гранслем-турнири САД опен во Њујорк и Ролан Гарос во Париз ќе се играат едноподруго, со само две седмици пауза меѓу нив, така што промената на подлогата за играње во толку краток период би претставувала проблем за играчите.
Според зборовите на британскиот тенисер Енди Мареј, таквата брза промена на површините без соодветно време за подготовка е речиси невозможна.
– Не е безбедно играчите што ќе стигнат до полуфиналето или до финалето на гранслем-турнирот во Њујорк, па дури и за четвртфиналистите, потоа да играат на земјен терен. Опасна е промената на подлогата во толку краток период – рече Мареј.
Според календарот објавен од АТП, вториот гранслем годинава треба да се игра од 31 август во Њујорк, а третиот од 27 септември во Париз. Потоа следуваат и три турнири од серијата „Мастерс 1.000“, во Њујорк, Мадрид и во Рим.