Во Гостивар во скопско БМВ пронајдено огнено оружје
Полициски службеници од станицата во Гостивар завчеравечер ги лишиле од слобода дваесет и деветгодишниот Е.В., потоа М.К. на возраст од 20 години и Л.Б. на возраст од 24 години, жители на Скопје, и дваесет и петгодишниот М.К., полициски службеник од Скопје. Кај нив при извршениот преглед врз патничкото моторно возило БМВ со скопски регистарски ознаки, управувано од М.К., било пронајдено огнено оружје од непозната марка, со рамка и осум куршуми, како и ќесе со остатоци од прашкеста материја.
Нивното возило било запрено во 21.40 часот во Гостивар на улицата Илинденска, а лицата се лишени од слобода поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи“ и „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“. За случајот во Гостивар известен бил Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди и веќе се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.
Приведен жител на Мала Речица, превезувал мигранти
Полицијата во Гевгелија привела жител од Мала Речица, Тетовско, затоа што превезувал мигранти од Турција. Настанот се случил во средата на 24.6.2020 година во 10.40 часот, кога полициските службеници го запреле патничко моторно возило „фолксваген пасат“ со тетовски регистарски ознаки, управувано од Џ.А. (46) од Мала Речица и при извршениот преглед на возилото биле пронајдени двајцата мигранти, А.В. на возраст од 24 години и А.Ј. на 22 години, и двајцата од Турција. Возачот и двајцата мигранти биле приведени во полициска станица, а за настанот бил известен и јавен обвинител.
Двајца управувале возила без возачки дозволи
Две лица ќе одговараат за управување со нерегистрирани возила, а двајца се фатени од полицијата како управуваат со моторни возила пред да се стекнат со право за управување, односно пред да добијат возачки дозволи.
– Во текот на 24.6.2020 на подрачјето на Секторот за внатрешни работи – Скопје, санкционирани се две возила бидејќи биле нерегистрирани, двајца возачи затоа што управувале возила без да се стекнат со право за управување моторно возило – се наведува во вчерашниот билтен на МВР.
Во средата „пајакот“ подигнал 45 возила.