Фото: Маја Јаневска-Илиева

Прилеп

Заврши првиот уписен рок во прилепските средни училишта. Според информациите од Каролина Николоска, советничка за образование во Општина Прилеп, најголем интерес кај учениците имало за медицинската струка во СУ „Ѓорче Петров“, каде што вчера се одржаа квалификациски тестирања за струката медицинска сестра. Таму се пријавиле голем број ученици, кои имале ист број бодови. За вториот уписен рок слободни места има за струката столар и тоа за 34 ученици и седум за лични услуги односно за фризери.

Во гимназијата за вториот уписен рок има слободни места за 113 ученици и тоа за гимназиското образование, бидејќи за другите профили (природно-математичка насока, општествено-хуманистичка, јазично-уметничка…) местата се пополнети.
Во економското „Кузман Јосифоски-Питу“ има слободни места за 180 ученици, а во СУ „Ристо Ристески-Ричко“ 217 од вкупно 356 планирани.

Таму во првиот уписен рок интересот бил најголем за графичката струка и за електротехничар за компјутерска техника и механика. Во СУ „Орде Чопела“, пак, за вториот уписен рок има најмногу слободни места, дури 205 речиси во сите образовни профили. Вториот уписен рок е на 24 јуни. Ка.М.