ФИФПро бара тринеделна пауза меѓу сезоните
Фудбалерите ќе бараат минимум три недели целосен одмор помеѓу сезоните 2019/2020 и 2020/2021 пред почетокот на подготовките, сугерира Синдикатот на играчи (ФИФПро).
Суспендирањето на лигите низ светот доведе до тоа многу натпревари да се играат и во летните месеци кога вообичаено е паузата меѓу двете сезони.
ФИФПро повика и на воспоставање серија заштитни мерки за да се ограничат штетите врз нејзините членови. Синдикатот препорачува дека и во оваа уникатна ситуација на играчите треба да им се овозможи минимум вонсезонска пауза од најмалку три недели пред тие да продолжат со тренинзите.
Исто така, синдикатот бара и задолжителна пауза на средината од сезоната меѓу 10 и 14 дена и воспоставување принципи во врска со обемот на натпревари, истакнувајќи дека стапките на повреди се зголемуваат кога има помалку од шест дена одмор помеѓу натпреварите.
Останува да се види дали во англиската Премиер-лига ќе може да се повтори паузата за играчите и во следната сезона како што прв се случи во февруари годинава. Л.Д.
Од 11 јули до 5.000 гледачи на натпреварите во Франција
Во Франција, од 11 јули ќе бидат отворени стадионите за навивачите, бидејќи властите продолжуваат да ги олабавуваат мерките воведени за да се спречи ширењето на коронавирусот. Од тој ден, до 5.000 лица ќе можат да присуствуваат на стадионите, а во согласност со епидемиолошката состојба, ограничениот број присутни гледачи може да се зголеми во текот на летото. Ова значи дека финалето на Купот на Франција и на Лига-купот во фудбал може да се игра во присуство на публика, откако тие натпревари беа одложени на неодредено време, а датумите на игра сѐ уште не се утврдени.
– Понатамошниот преглед на националната епидемиолошка состојба ќе биде направен кон средината на јули, за да се одлучи дали е можно дополнително ублажување на мерките во втората половина на август – соопшти француската влада.
Во април премиерот Едуард Филип донесе забрана за одржување на сите спортски настани до септември, но мечевите во колективниот спорт можат да продолжат од денеска. Г.И.
Европски рекорд на „Маракана“
Српскиот фудбалски шампион Црвена звезда стана и актуелен европски рекордер со серија од 56 натпревари без пораз на стадионот „Рајко Митиќ“ во Белград. Црвено-белите за момент во саботата го престигнаа Ливерпул, кој врза 55 натпревари со позитивен исход на славниот „Енфилд“.
Во оваа серија на црвено-белите, дури 52 победи и само четири ремија се забележани на „Маракана“ со гол-разлика од 156-23. Во исто време, црвено-белите не примија гол на дури 31 натпревар, а никој од противниците не успеа да постигне повеќе од гол за 90 минути. Серијата на Црвена звезда започна на 30 април 2017 година со триумфот над Војводина (2-1).
Ливерпул до саботата, пак, е во серија од 55 натпревари (45 победи и 10 реми) без пораз на „Енфилд“. Започна со реми против Саутемптон (0-0) на 7 мај 2017 година, со гол-разлика од 151-32 и ќе има можност тој рекорд да го зголеми наскоро, оти Премиер-лигата по повеќе од три месеци повторно започна да се игра.Г.И.
Нурмагомедов најави пензионирање?
Шампионот во УФЦ во лесна категорија, Русинот Хабиб Нурмагомедов (31), ја шокира пошироката јавност откако почнаа шпекулации дека тој ќе се пензионира. Нурмагомедов објави дека наскоро ќе се соопшти многу значајна вест за својата иднина и многумина го сфатија тоа како крај на кариерата, што многу ги растажи. Истото тоа го најави и неговиот агент Алил Абделазиз.
– Играта повеќе нема да биде иста – напиша Абделазиз на фотографијата на која се наоѓаат тој и Нурмагомедов.
Дејна Вајт, првиот човек на УФЦ-борбите, порача дека не знае ништо за тоа и дека не му е јасна ситуацијата за ова прашање, имајќи предвид дека Хабиб веќе има договорена борба против Гејчи.
Познато е дека неодамна од активните УФЦ-борби се збогуваше и Ирецот Конор Мекгрегор.
Останува да се види дали овие неофицијални нагаѓања целосно ќе се остварат, за борецот што од 28 настапи има исто толку победи. Г.И.