Со презентација на материјални докази поврзани со комплексот „Сончев град“, меѓу кои извештаи од затворени седници на Влада, поднесоци од државното правобранителство до Влада, извештаи од вештачења, комисии и анализи, катастарски извештаи за градежни парцели и друга документација од страна на обвинителите од СЈО денеска во Кривичниот суд продолжи судењето за „Топлик“.
Одбраната на обвинетиот поранешен министер за транспорт и врски Миле Јанакиески реагираше на начинот на презентирање на документите и побара нивно целосно прикажување и поврзување со конкретните дела од обвинението.
Судијата Осман Шабани рече дека Судечкиот совет не може да каже како треба да бидат презентирани доказите и оти тоа го прави Обвинителството, укажувајќи дека тие ќе имаат право да се осврнат на делови од нив во понатамошниот дел од постапката и во завршните зборови.
На претходното рочиште обвинителите на СЈО ги причитаа 608-те материјални докази во врска со предметот.
Според обвинението, првоосомничениот Јанакиески, како раководно лице во Министерството за транспорт и врски, спротивно на Законот за јавни набавки составил Комисија за јавни наддавања на која и наложил да избере понудувач за купување и располагање со државно земјиште за изградба на елитниот комплекс „Сончев град“ во Сопиште, иако фирмата не ги исполнувала условите за тоа.
Од доказите, според СЈО, произлегува дека поради раскинувањето на договорот по вина на Министерството, тоа се обврзало во износ од еден милион евра да му исплати долг и затезна камата на правното лице „Сан сити“.