Светската атлетска федерација (ИААФ) го одби барањето на Руската атлетска федерација (РУСАФ) да се одложи плаќањето на казната од пет милиони долари за откриениот систематски допинг. ИААФ во март годинава на РУСАФ ѝ изрече казна од 10 милиони долари за прекршување на антидопинг-правилата, а половината од таа сума Русите мора да ја платат до 1 јули, во спротивно на руските спортисти нема да им биде дозволено да се натпреваруваат како неутрални спортисти на големите натпреварувања, вклучувајќи и на Олимписките игри (ОИ).
Портпаролката на ИААФ Никол Џефери изјави дека добиле барање од РУСАФ да се одложи плаќањето, но барањето било одбиено. Таа потврди дека крајниот рок за уплата на парите е 1 јули годинава.
Потпретседателот на РУСАФ, Едуард Безуглов, рекол дека тие немаат средства да ја платат казната. Минатата недела неколку руски спортисти, меѓу кои и скокачката во височина Марија Ласиткене, ги повикаа спортските власти да ја платат казната и со тоа да им овозможат учество на ЛОИ во Токио.
Светската атлетска федерација во 2015 година ја суспендира Русија поради многубројните допинг-скандали.