Најмалку шест лица загинаа, а над 20 се повредени откако едно лице отвори оган во новинската редакција на весникот „Капитал“, во Анаполис, Мериленд, јавија американските медиуми.
Локалната полиција на Твитер соопшти дека зградата е евакуирана и оти одговара на повикот, со кој им било јавено дека некоја личност пука кон вработените.
„Д Балтимор Сан“, кој го поседува весникот од Анаполис, потврди дека во тек е активно пукање во редакцијата.
Локалниот шериф Рон Бејтмен, изјави дека еден осомничен е уапсен. На местото на настанот има голем број полициски и возила за итна помош.
Федералното истражно биро соопшти дека нападот засега ќе го третира како локален инцидент, а не како терористички акт.
Се уште не се познати мотивите за нападот врз редакцијата на „Капитал“.