Здравствената состојба на Јулија Скрипал брзо се подобрува, соопшти синоќа болницата каде што е сместена ќерката на поранешниот руски двоен шпион Сергеј Скрипал.
– Состојбата на Јулија брзо се подобрува и таа веќе не е во критична состојба – соопштија од болницата додавајќи дека нејзиниот татко е во „критична, но стабилна состојба“.
Извори за Би-би-си тврдат дека Јулија е свесна и дека почнала да зборува. Докторите рекле дека таа добива 24-часовна нега и дека добро реагирала на третманот.
Подобрениот здравствен извештај следува откако Русија рече дека ќе преземе мерки кои ќе бидат „откриени наскоро“ како одговор на протерувањето на руските дипломати од страна на Велика Британија, САД, НАТО и многу други западни земји и сојузници.
– Нашите мерки ќе бидат соодветни. Тие во моментов се разгледуваат и мислам дека наскоро ќе бидат откриени. Ќе знаете за формата и содржината на мерките кога сè ќе биде подготвено. Повторувам, тоа ќе се случи наскоро – изјави портпаролката на Министерството за надворешни работи, Марија Захарова.
Сергеј Скрипал и неговата ќерка беа нападнати со нервен агенс во Салисбури на 4 март. Британија ја обвинува Русија дека е одговорна за нападот.