ИЗБОРИ ВО ЕК НА ПАНДЕМИЈА НА КОРОНАВИРУС
Актуелниот пораст со трицифрена бројка на новозаразени, но и бројка на починати секако ќе има влијание на одзивот на граѓаните на изборите, кој може да биде помал од претходно, тврдат аналитичарите, кои додаваат и дека не може да се гарантира ниту висок степен на безбедност на гласачите од потенцијална зараза
Високиот политички напон поврзан со потребата за консензус околу одржувањето на одложените парламентарни избори, и покрај различната аргументација на позициите на партиите, сепак создава амбиент на сѐ поголема извесност тие да се случат во текот на летото. Односно, извесноста пред сѐ е поврзана со фактот дека изборите ќе се одржат во услови кога опасноста од пандемијата секако нема да биде надмината, со оглед на секојдневно зголемениот број на новозаразени и починати со дијагноза на коронавирусот, а и предупредувањата на СЗО дека целосното надминување на ковид-19 нема да се случи до крајот на годинава. Фактот дека кога и да се случат изборите во Македонија во текот на оваа година (а особено во текот на летото), тие ќе се одржат во пандемиски услови, ја отвора дилемата како тоа ќе влијае на одзивот на гласачите, но и дали политичките чинители, односно Државната изборна комисија (задолжена за организација на изборите) може да даде гаранции за здравствената безбедност на сите учесници во избирачкиот процес – како на гласачите, така и на членовите на избирачките одбори и на набљудувачите.
– Драматичниот раст на бројот на заразени со коронавирусот го доведува во прашање и самото случување на изборите во јули, а секако и нивната безбедност и одзивот на граѓаните. Ако изборите се случат во јули, мислам дека секако ќе имаме помал одзив од вообичаено, поради природниот страв на граѓаните од можна зараза и претпазливост од непотребно изложување на ризик. Анкетата на МЦМС и „М-проспект“ покажа длабока поларизација по ова прашање, со 30 отсто од граѓаните што се за избори летово (јули) и 27 отсто за избори на есен (септември). Споменатата анкета потврдува и голема загриженост, 71 отсто на граѓаните, од болеста ковид-19 и личен страв од заразување, 60 отсто – вели Александар Кржаловски, прв извршен директор на МЦМС.
Сепак, Кржаловски е свесен дека е сѐ попроблематично функционирањето на државата без парламент (за што смета дека требало да биде решено уште со прогласувањето на првата вонредна состојба со враќање во функција на самораспуштено собранието и со враќање на пратениците на работа, макар и онлајн), што создава правнополитички притисок за функционалноста и легитимноста на институциите. Освен тоа, Кржаловски констатира дека и покрај сегашниот раст на заразеноста, сепак и во Македонија вонредните мерки се веќе речиси целосно укинати, а во цела Европа има значајно намалување на бројот на нови случаи, па тоа може да се очекува и кај нас. Во таа смисла, наместо постојана расправа кога да бидат изборите и лицитации со термините, тој препорачува дека треба да се подготвиме за нивно одржување и во услови на одредено ниво на зараза, „бидејќи, во краен случај, ако хипотетички продолжи оваа ситуација до терминот за редовните избори во декември, зарем и тогаш нема да имаме избори?“
– Земајќи ги предвид сите овие фактори, сметам дека водечките партии треба да направат обид уште оваа недела да усогласат и договорат или фиксен датум за изборите (кој, според мене, би требало да биде на 19 или 26 јули, или во некој работен ден меѓу тие датуми), или да се договорат за фиксни здравствени критериуми (на пример седум дена по ред помалку од 5 отсто позитивни од тестираните, или помалку од Х новозаразени дневно, или помалку од У активни случаи итн.), по чие исполнување автоматски ќе се случат изборите 22 дена потоа – предлага Александар Кржаловски.
Според развојот на настаните и изјавите на политичарите за потребата од избори, и политичкиот аналитичар Александар Пандов смета дека избори во услови на пандемија, секако, ќе се случат во Македонија.
– На голем број од населението во Македонија можеби не му е јасно што значат избори во услови на пандемија, но секојдневната изложеност на информации за постојаниот пораст со трицифрена бројка на новозаразени, но и бројка на починати поголема од онаа во првиот проектиран врв на пандемијата, секако има влијание врз загриженоста на граѓаните од заразување. И тоа секако ќе влијае на одзивот на граѓаните на изборите, за кој не може да се очекува да биде во рамките на досегашната нормалност. Но сметам дека нискиот одзив е и главната цел на власта, која е свесна дека со секој изминат ден без избори ѝ се намалува бројот на гласачи што би ѝ ја дале поддршката – вели политичкиот аналитичар Александар Пандов.
Во поглед на гаранциите за здравствената безбедност на сите учесници во избирачкиот процес, политичките аналитичари сметаат дека таа не може да биде стопроцентна, но дека треба да се преземат заштитни мерки од висок степен од страна на Државната изборна комисија, но и од политичките чинители.
– Сметам дека секако може да се организираат изборите со висок степен на безбедност, особено за самите гласачи, кои многу кратко ќе се задржуваат на гласачките места, а секако редот за чекање ќе е надвор од просторијата или објектот. Тоа, пак, не може да се каже за избирачките одбори и фиксните набљудувачи, кои поголемиот дел од изборниот ден ќе го поминат заедно во иста просторија, па ако има еден заразен меѓу нив, многу е веројатно дека повеќето или сите од нив ќе се заразат, како што гледаме дека се случувало изминативе денови, со новите кластери „мекици“ и „свадба“ – вели Александар Кржаловски од МСЦМ.
Политичкиот аналитичар Александар Пандов, пак, смета дека заштитеноста и безбедноста со коронавирусот се исто како во сообраќајот.
– Ти самиот може да си ги презел сите мерки за заштита и безбедност во сообраќајот, но не знаеш дали и другите учесници во сообраќајот имаат исто ниво на свесност. Така ќе биде и на денот на изборите. Актуелните случаи на непријавување контакти со заразени и непочитување на мерките за заштита не влеваат доверба во стопроцентната свесност за потребата од заштита. Во секој случај, здравствениот ризик е голем, а гаранциите за здравствена безбедност не може да бидат цврсти – вели Пандов.
Сепак, и покрај здравствените ризици за одржување на изборите, постојат конкретни политички мотиви поради кои некои од партиите брзаат за избори.
– Довербата на граѓаните во институциите и особено во политичките партии е на историски минимум, па тоа е дополнителен фактор според кој очекувам помал одзив на изборите. Конечно, по 15 јули почнува и сезоната на годишни одмори, па без оглед на вирусот, некои од граѓаните веќе нема да бидат во своите живеалишта за гласање (затоа и избори по 26 јули немаат многу логика, зашто отсуствата за годишни одмори ќе бидат масовни). Но не верувам дека партиите се особено (или воопшто) загрижени за одзивот, бидејќи секако 120-те пратенички места ќе се поделат меѓу нив, без оглед на одзивот – заклучува Кржаловски.