Германија планира забраната за влез на нејзина територија за сите граѓани што не се од ЕУ да ја продолжи до 31 август, јавуваат неименувани извори од германската влада.
Како што пренесе „Ројтерс“, се очекува Владата на оваа земја деновиве да ја потврди оваа одлука. Минатата недела германскиот министер за надворешни работи, Хајко Мас, издаде предупредување за патување за околу 200 земји на 17 март годинава, по појавата на пандемијата на ковид-19.
Минатата недела беше одлучено дека од 15 јуни ќе се тргне предупредувањето за 26 земји-членки на ЕУ за Велика Британија, како и за уште четири држави што се дел од шенген -зоната: Исланд, Норвешка, Швајцарија и Лихтенштајн. За Шпанија и Норвешка предупредувањето ќе биде повлечено подоцна, во неделите што следуваат, поради тоа што тие се уште имаат ограничување за Германија, јавува „Дојче веле“.
Како што наведува германскиот медиум, сепак, за повеќе од 160 други држави во светот, вклучувајќи и некои големи туристички дестинации за германските туристи како Турција, предупредувањето ќе остане во сила до 31 август. Во практика тоа значи дека германските власти ќе ги советуваат своите граѓани да не одат на туристички патувања во тие земји.
Подготвил: Дејан Србиновски