Соединетите Американски Држави во февруари влегоа во рецесија, по 128 месеци експанзија, соопштија група економисти во САД, а го пренесе Си-ен-ен. Според американскиот медиум, „врвот на месечната економска активност на САД беше во февруари 2020 година“.
– Тој врв го означува крајот на експанзијата што започна во јуни 2009 година, како и почетокот на рецесијата. Експанзијата траеше 128 месеци – соопшти Националното биро за економски истражувања.
Според комитетот, големината на падот на вработеноста и производството е без преседан, а нејзиниот широк дострел врз целата економија заслужува да се нарече рецесија, иако излегува дека е пократка од претходните рецесии.
Според податоците од Националното биро за економски истражувања, во моментов стапката на невработеност во земјата официјално е 13,3 проценти во мај, што е помалку од 14,7 проценти во април, но и двете бројки се повисоки од секој економски пад од Втората светска војна наваму. Инаку, од пандемијата што ги зафати САД на почетокот на годината досега починаа речиси 110.000 луѓе. Десетици милиони Американци бараат бенефиции за невработеност од март, а БДП падна речиси пет проценти во првиот квартал.