Црна Гора
Институтот за јавно здравје на Црна Гора ќе упати барање за појаснување до колегите од Србија, откако оваа земја објави податок во кој се наведува дека само за еден ден во Србија се излечени над 4.000 заболени од коронавирусот.
Тој податок, како што пишуваат црногорските медиуми, предизвикал неверување во Црна Гора, со оглед дека во изминатите два месеца биле излечени околу 6.000 заразени.
Црногорскиот институт за јавно здравје барал појаснување бидејќи оваа статистика директно се однесува и на Црна Гора, бидејќи од неа зависи отворањето на границата со Србија, пренесува Танјуг.
Сепак, од Институтот најавуваат дека во следниот период можеби ќе биде променета методологијата за утврдување на критериумите за отворање на границите.
– Постои голема веројатност во следниот период да дојде до промена на методологијата со која се дефинира листата на држави за да се земе предвид динамиката на епидемиолошката ситуација на теренот, моментално достапните официјални податоци што државите ги пријавуваат во СЗО и Европскиот центар за контрола и превенција на болести, но и да се испочитува консензусот на европските држави, кој се надеваме дека наскоро ќе биде постигнат – велат од Институтот.
Подготвил Саше Таневски