Фатон Салиху – европски боксерски првак за кадети

ОД РЕПОРТЕРСКИОТ БЕЛЕЖНИК НА ЗОРАН МИХАЈЛОВ: СЕРИЈАЛ ЗА ВЕЛИКАНИТЕ НА МАКЕДОНСКИОТ СПОРТ (170)

Фатон беше шампион (категорија до 48 кг) на Стариот Континент во 1997 година, на првенството што се одржа во Битола. Победник е и на Балканските младински игри во Софија. Фатон е помлад брат на освојувачот на олимписка бронза во Лос Анџелес, Азис Салиху

Презимето Салиху долго време е присутно во боксерскиот свет на нашите простори. Азис Салиху во времето кога живеевме во една држава беше еден од најистакнатите боксери во најтешката категорија. Тој беше повеќекратен првак на поранешна Југославија, а своите квалитети ги манифестираше и на меѓународната сцена, на која, меѓу другите трофеи, беше освојувач на бронзен медал на ЛОИ во Лос Анџелес во 1984 година, а двапати беше трет и на европските првенства. За да не остане осамен на боксерската арена, неколку години по Азис, на рингот се појави и најмладиот од деветтемина браќа во семејството Салиху, Фатон. Тој уште како пионерче ги покажуваше своите афинитети кон борачките вештини, па беше јасно дека ќе тргне по стапките на постариот брат. Меѓутоа, со оглед на тоа што учеше во ОУ „Лирија“, прашање беше дали ќе се определи за боксот или за борењето, бидејќи во училиштето многу години егзистираше боречкиот клуб од кој никнаа и големите шампиони Шабан Сејдиу и Шабан Трстена.

– Интересно е дека и јас почнав како борач. Во спортската сала имаше душеци и тука можевме да тренираме преку цел ден. Покрај наставниците по физичко воспитување, со нас како тренери работеа Шабан Сејдиу и Али Назми. Нивното знаење и искуство беа од голема корист за нас младите борачи. Така, под тренерската палка на овој тандем, станав пионерски првак на Македонија. Но кога се чинеше дека ќе продолжам со борењето, најмногу по наговор на Азис, дојде до пресврт во мојата спортска кариера. Наместо да продолжам со борењето, во кое сигурно имаше што да покажам, бидејќи ова беа само мои почетоци, јас душеците ги заменив со рингот. Тогаш брат ми го формира боксерскиот клуб Лирија и имаше каде да се зачленам и, што е битно, под негова контрола да тренирам – вели на почетокот од својата приказна Фатон.

ВЕТУВАЧКИ ПОЧЕТОК

Слично како на душеците, така и на рингот Фатон Салиху веднаш ја покажа својата доминација меѓу врсниците. И овде почна да победува, па уште по првите борби беше јасно оти постариот брат Азис ќе добие достојна замена во Фатон.
– Во почетокот, поради преадаптацијата од борењето во боксот, ми беше малку чудно. Меѓутоа, ова траеше еден краток период, потоа на рингот се чувствував многу посигурно и со нетрпение ги очекував противниците. Првите борби покажаа дека воопшто не сум погрешил што се определив за „благородната“ вештина, зашто, како што ги совладував моите врсници на душекот, истото тоа го правев сега и на рингот. Една година по формирањето на клубот, на едно пионерско првенство бев победник, а веќе следната година ја освоив и титулата првак на Македонија во кадетска конкуренција. Оваа победа практично ми го отвори патот кон репрезентацијата – вели Фатон.


Фатон Салиху

Роден: 1981 година во Скопје
Кариера: БК Лирија, БК Луксембург, БК Приштина, репрезентација на Македонија
Успеси: европски првак за кадети во 1997 година, повеќекратен првак на Македонија


На средината од последната декада на минатиот век Фатон Салиху во својата категорија (до 48 кг) меѓу врсниците секогаш беше најуспешен и прашање на време беше кога ќе зачекори и на меѓународниот ринг.
– Тренинзите беа напорни, а тие уште повеќе се вжештија кога бевме на репрезентативните подготовки. Тогаш со нас работеа двајца познати тренери, штипјанецот Чурлинов и Бугаринот Пашалиев, кој истовремено беше тренер и на сениорската репрезентација на својата земја. Од нив имаше што да се научи. Двајцата беа вооружени со знаење и можеа да оценат на кој боксер што му недостига. Што се однесува до мене, околу техниката и начинот на водење на борбата немаа проблеми, зашто тоа го имав совладано со брат ми Азис, уште кога ги правев првите чекори во боксерскиот ринг. Со мене повеќе работеа на кондициските подготовки – вели Фатон за оној период кога беа организирани заеднички подготовки за најдобрите кадети, од кои ќе требаше да биде составна македонската репрезентација за Европското првенство во 1997 година во Битола.

НИЗ ЧЕТИРИ БОРБИ ДО ЕВРОПСКАТА ТИТУЛА

Тогашниот претседател на Боксерската федерација на Македонија, инаку поранешен шампион и тренер Живко Дуковски, добро знаеше што им е потребно на младите боксери и успеа да обезбеди средства да организира подолготрајни заеднички подготовки.

– За Европското кадетско првенство во Битола се подготвувавме без прекин шест месеци. Таквиот начин на заеднички тренинг, иако многу напорен, се покажа како корисен. Ова го велам од два аспекта, првиот е што беше создадена една позитивна атмосфера во нашиот табор, а вториот што тренерите имаа можност секојдневно да ја контролираат нашата форма. Така, наполно подготвени го дочекавме почетокот на Европското првенство на кое, како што се покажа подоцна, кога почнаа борбите, имавме максимална поддршка од гледачите. Битолчани го познаваат боксот, тие со години имаа и прваци на Југославија, а се сеќавам дека и мојот брат Азис настапуваше за Пелистер, кон крајот на 80-тите години на минатиот век, кога оваа екипа беше прволигаш – вели Фатон.

Фатон Салиху настапите на ЕП во најлесната категорија до 48 килограми ги почна со победа. Во првото коло тој го совлада кадетскиот првак на Северна Ирска, за веќе во второто коло да има силен противник во Србинот Пиперски, кој денес е селектор на српската репрезентација.
– Борбата со Пиперски, со кого и денес се слушам, а на натпреварите во Србија или кај нас и се среќавам, беше навистина жестока. Распалувавме и двајцата, па, така, публиката цело време беше на нозе. Добивав огромна поддршка од неа и цело време се чувствував како да сум на крилја. Одбоксував одлично и победив на поени – вели тој.

Еден дел од работата беше завршен, но сега доаѓаше оној потешкиот. Во полуфиналето Фатон требаше да ги вкрсти ракавиците со Русинот Черник.
– Позната ми беше руската школа, а добив и инструкции од Азис, кој често се среќаваше со тогашниот советски првак Јаковлев. Знаев како ќе напаѓа Черник, а знаев и јас како треба да одам во офанзива. Во една тактичка борба успеав да го совладам на поени и да се пласирам во финалето. Среброто беше обезбедено, но го посакував европското злато – се сеќава на тоа време Фатон.
Во финалето противник на нашиот репрезентативец му беше Руфат Хусеинов од Азербејџан. Фатон, не сакајќи да ја испушти големата шанса, потпомогнат од гледачите, кои уште од првиот ден ја исполнуваа салата, тргна во офанзива. Имаше чести размени на удари. На крајот судиите по надгласување победата му ја доделија на Фатон Салиху, кој стана првиот наш боксер (останува и натаму) европски кадетски првак.

За успехот на нашите момчиња да биде комплетен се погрижија уште Чатлевски и Георгиевски, кои се закитија со бронзени медали. Тоа беа прекрасни моменти за македонскиот бокс, доживеани во градот под Пелистер.

УЧЕСНИК И НА ЕП ЗА МЛАДИНЦИ ВО РИЕКА

Фатон Салиху, охрабрен од овој триумф, продолжи со редовни тренинзи во очекување на следните настапи. А следен елитен натпревар беше Европското првенство за младинци во Риека, во 1999 година.
– Овде, во повозрасните категории, нормално беше потешко и понеизвесно. Но јас бев решен ако не можам да го повторам успехот од Битола, барем да освојам медал. За жал, не се случи тоа, иако одлично ги почнав натпреварите. На стартот по една тактичка борба го совладав шампионот на Грузија. Потоа успеав во една многу потешка борба, во која имаше размена на силни удари, да го совладам и турскиот првак, еден од најдобрите боксери во својата репрезентација, од кого Турците очекуваа да освои и медал. Противник во четврт-финалето ми беше првакот на Русија. Објективно, тој беше подобар, ме совлада, а на крајот тој стана и европски првак – вели Фатон.

Фатон на ЕП во Риека се пласира меѓу осумте најдобри младинци во својата категорија. Потоа дојде и триумфот на Балканските игри во Софија. Фатон Салиху учествуваше и во олимписките квалификации за Атина во 2004 година, но на стартот се сретна со европскиот, светски и олимписки првак Бугаринот Даниел Петров, од кого беше поразен. Фатон требаше да учествува уште на два квалификациски турнира, но тогаш Федерацијата немаше средства и не можеше да отпатува на турнирите.
– Малку разочаран од целокупната ситуација во македонскиот бокс, две години боксував во Луксембург, а потоа од 2003 до 2006 година настапував за БК Приштина, каде што брат ми Азис беше тренер – вели тој.

Откако ја заврши кариерата, во која во меѓувреме се проба и на професионалниот ринг, Фатон Салиху формира свој клуб, БК Чаир. Истовремено тој е и потпретседател на Боксерската федерација на Македонија, во која е мошне активен и настојува тука да го пласира сето свое искуство од годините минати меѓу четирите јажиња.