РАКОМЕТ

Пласман на Светското првенство (СП) во Египет ќе биде огромен чекор за репрезентацијата на САД, смета Швеѓанецот Роберт Хедин, кој изминативе две години е селектор и дел од стручниот тим што работи на унапредување и развој на националниот ракометен тим на САД.
– Куба е веројатно најдобрата репрезентација во нашиот регион. Имаат многу играчи во најдобрите клубови во Европа. Ако успеат да ги соберат сите, тие дефинитивно ќе бидат тежок ривал. На Панамериканските игри лани еднаш победивме, а во вториот меч загубивме. Незгоден може да биде и тимот на Гренланд, кој во своите редови има неколку натурализирани дански ракометари. Сепак, оптимист сум и верувам дека можеме да играме на СП 2021 – рече, меѓу другото, Хедин во интервју за официјалната страница на американските национални тимови.

Тој вели дека се работи паралелно на краткорочен и на долгорочен план.
– Според првиот, главна цел ни е да најдеме што повеќе добри ракометари што веќе играат, повеќето се во Европа, со кои би ѝ овозможиле подем на репрезентацијата. Долгорочниот план опфаќа вклучување што повеќе млади американски играчи во ракометот. Видов дека во САД има голем број таленти што навистина ќе придонесат во реализацијата на нашата програма во иднина. Најдовме млади играчи што веќе играат за добри европски тимови, а ги имаме и искусните Иан Хутер и Абу Фофана. Секогаш кога имаме можност правиме кампови. Во јануари годинава бевме во Шведска, каде што одигравме неколку квалитетни меча, а претходно бевме на кампови и на турнири во Доминиканската Република и во Порторико, кои беа огромно искуство за сите нас – рече Хедин.