Највалканото место во една фирма е славината во заедничка кујна што ја користат сите вработени, според истражувањето на компанијата „Кимберли-Кларк профешнал“, направено врз 4.800 примероци од канцелариски згради, вклучувајќи адвокатски фирми и осигурителни компании, здравствени компании, телефонски центри и производствени погони.
Со уред што го мери АТФ, молекул што може да се најде кај сите животински, растителни, бактериски, габични клетки и мувлата, научниците утврдија дека многу од канцелариските површини се толку валкани што можат да го загрозат здравјето на вработените.
Остатоците од храна и други органски материјали содржат големи количества АТФ, и ако уредот чита повеќе од 100 единици АТФ, тоа значи дека површината треба да се исчисти. Оние површини со повеќе од 300 АТФ-единици се „официјално“ валкани и имаат потреба од темелно чистење.
Во 75 проценти од канцелариите истражувачите пронашле повеќе од 300 единици АТФ на рачките од чешмите, а во 48 проценти од канцелариите, на вратата на микробрановата печка пронашле опасно ниво на АТФ. Рачките на вратите од фрижидерот, тастатурите и копчињата на автоматот за кафе или храна се исто така меѓу највалканите места во канцеларијата.
– Луѓето се свесни за важноста на чистотата во тоалетот, но ги занемаруваат вообичаените области како местата за ручек, кујните или просториите за состаноци каде што се кријат многу повеќе бактерии и габи – заклучил консултантот, професор Чарлс Герба од Универзитетот во Аризона.