На клубовите ќе им се препорача на долгите патувања, како од Манчестер до Лондон и обратно, да ангажираат приватни авиони наместо да користат возови или автобуси
Новите безбедносни мерки, вклучувајќи и монтажни соблекувални на некои стадиони, ќе бидат тема за дискусија меѓу 20-те клубa во англиската фудбалска Премиер-лига на утрешниот состанок. Можно е и на клубовите да им се наложи да користат приватни авиони на патувањата на гостинските натпревари, наместо да користат возови или тимски автобуси, објави „Мирор“.
Постои загриженост дали некои стадиони ќе ги исполнат препораките за задолжително физичко дистанцирање. На клубовите ќе им биде кажано дека ќе треба да ги усогласат своите стадиони во согласност со новите упатства на Владата, по што властите ќе проценат дали тие ќе можат да се користат. Покрај тоа, ќе се направи темелен извештај со процена на ризикот за секој меч. Таквите мерки можат негативно да влијаат врз постарите стадиони, како што се тие на Евертон, Вотфорд или на Барнли. На клубовите ќе им се каже дека можеби ќе треба да направат некои измени пред одигрувањето на средбите.
Евертон, на пример, би можел да ги користи двете соблекувални, а за гостинскиот можеби ќе треба да се инсталира монтажна соблекувална од каде што ќе се излегува на теренот затоа што тунелот во „Гудисон“ е многу тесен. Исто така, на клубовите ќе им се препорача на долгите патувања, како од Манчестер до Лондон и обратно, да ангажираат приватни авиони наместо да користат возови или автобуси. Потенцијално би биле потребни и до три автобуси за еден тим при патувањата за да се овозможи физичка дистанца. Со возовите, кои обично ги фаворизираат клубовите, исто така, е проблематично и веројатно тие нема да се користат.