Етика за млади
Кога животот на човекот е исполнет, надежта е неговата најголема суштина и најубава страна. Кога во животот некој има проблеми и кога страда, надежта е излез. Кога нешто убаво ни се случува, надежта блика од нашите чувства. Кога нешто ги разнишува нашиот мир и стабилност, во надежта ги бараме добрината и решението за нашите тешкотии.
Надежта значи неоткажување од можностите и од очекувањата. Во темнината таа ги навестува светлината и топлината на идниот ден. Кога сме повредени, нѐ крепи надежта во добрите луѓе, увереноста дека наскоро ќе биде подобро.
Надежта значи дека душата има радост, оти е свесна за добрината. Таа опстојува непоколебливо, го крепи човекот, дека во животот по лошиот следува добар период и дело – нашето кон некого и туѓото спрема нас.
Размислете, кога сте имале чувство на надеж, што сте посакувале да се случи?
Надежта ги изразува духовната и лична чистота. Таа значи правилно животно насочување. Надеж имаат оние што живеат со страст и морал, кои имаат доверба во животот и ги оправдуваат неговите добри пројави.
Надежта е секојдневно олицетворување на чистите, духовни и животни намери и ориентација. Кога има надеж, личноста е силна во својата увереност и доследна на своето однесување. Таа е неразрушлива сила на постоењето, ја искажува непоколебливоста во иднината, во нејзината трајност и сигурност. Надежта го поттикнува откривањето на вистинската смисла на живеењето и ја оправдува добрата крајна насоченост.
Вербата во себе, во животот, во луѓето нам ни дава сила да живееме и да дејствуваме од срце. Таа ја држи и ја насочува цврсто нашата волја да истраеме и тогаш кога имаме проблеми. Нема поголем двигател на човековото постоење од надежта како животна насока.
Етичка мисла:
За нашата душа надежта е цврста и сигурна котва
Свети апостол Павле