Според проректорите, процесот за избор на ректор е загрозен, Јанкуловски тврди дека сѐ се одвива законски
Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ се претвори во поле за вербална пресметка меѓу професорите
Бранувањата во академската фела растат пред изборот за нов ректор на најстариот универзитет во Македонија. Иако сѐ уште пандемијата е во ек и трае вонредната ситуација, полека спласнува интензитетот на колективниот ковид-стрес и животот се враќа во нормала. Имено, се подготвуваат нови избори. Политичарите договараат датум за парламентарни избори, а на нашиот најстар универзитет веќе се во тек подготовки за избор на ректор. Но со тоа почнаа и расправањата, превирањата и префрлувањата.
Обвинувања на сметка на актуелниот ректор од страна на тројца проректори
Ректорот на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, проф. д-р Никола Јанкуловски, сака незаконски и нестатутарно да ја заврши постапката за избор на ректор, обвинија професорите, односно проректорите проф. д-р Вујица Живковиќ и м-р Гордана Јосифова Неделковска, како и проф. д-р Владимир Петрушевски. Тие обвинувањата ги напишаа и во писмо, кое неодамна го објавија. Според нив, голем број недоследности и законски прекршувања го прават целиот процес нелегитимен и нетранспарентен, со што во голема мера се загрозува процесот на избор на ректор, што, како што тврдат, е недозволиво за најголемиот и најстар универзитет во нашата држава.
– Со мораториум од два месеци, постапката во услови на прогласена вонредна состојба, продолжува со закажување на 42-та седница на универзитетскиот сенат. На овој дневен ред како точка 18 е поставена предлог-одлука за начинот на спроведување на тајното гласање. Тука не се застанува: за денеска (27 мај) е закажана уште една, 43-та седница на универзитетскиот сенат, со една точка на дневниот ред – формирање универзитетска изборна комисија (избор на членови и нивни заменици). И наредниот ден следува уште еден состанок: 250-та седница на ректорската управа со една точка – донесување одлука за објавување јавен оглас за избор на ректор – велат професорите.
Ректорот Јанкуловски тврди дека постапката за избор е целосно легална
Од друга страна, ректорот Јанкуловски тврди дека почнатата постапка за избор на ректор на универзитетот за мандатниот период 2020-2023 е во целосна согласност со актуелниот Закон за високо образование во државата. Ректорот Јанкуловски, преку известување за јавноста, тврди дека „изолиран број припадници на академската заедница на Универзитетот, водени од свои лични причини и амбиции“ повторно се обидуваат да го извалкаат неговото име и да му наштетат на авторитетот, кој, како што вели, го има не само во академската заедница туку и во пошироката јавност.
– Во согласност со Законот за високо образование, изборот на ректор не го врши Сенатот на УКИМ, како што во написите се навестува некаква тенденциозно нејасна нелегитимност, туку изборот ќе го извршат членовите на наставно-научните совети на сите единици на УКИМ. Постапката за избор на ректор ќе биде спроведена во согласност со споменатиот закон, Статутот на УКИМ им секако, роковникот ќе се спроведува во согласност с превентивните мерки на Владата на РСМ за справување со состојбите предизвикани од последиците од ковид-19.
Членот 5 од цитираната уредба со законска сила за примена на Законот за високо образование за време на вонредна состојба се однесува за продолжување на мандатот на органите на Универзитетот и единиците каде што тој е истечен за време на вонредната состојба и се продолжува само за времетраењето на вонредната состојба, што не е случај со мандатот на ректорот. Така што, имајќи ги предвид мерките на Владата за одржување седници, состаноци, постапката за избор на ректор треба да продолжи. Нагласувам дека универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје веќе трет месец ја приспособува својата работа во согласност со споменатата уредба и во согласност со сите превентивни мерки и протоколи – вели Јанкуловски.
Тој додава дека негова должност и обврска како ректор е да ја продолжи почнатата законска постапка за избор на ректор и да ја спроведе во најдемократска и отворена постапка, за што, како што вели, сведочат и веќе закажаните седници на органите на универзитетот што имаат должност и обврска да ја спроведат оваа постапка дури и во вонредната состојба предизвикана од корнавирусот.
– Непродолжувањето на веќе почнатата постапка за избор на ректор на Универзитетот значи директна повреда и непочитување на Законот за високото образование и Статутот на универзитетот. Мандатот на ректорот на УКИМ не е истечен, а оваа законска процедура не е никаков лов во матно, туку станува збор за спроведување законска постапка што ќе продолжи да се спроведува на фер и транспарентен начин, со почитување на сите мерки и протоколи за заштита на здравјето и животот на сите членови на академската заедница. За жал, коронавирусот веројатно уште долго време ќе биде присутен во нашите животи и наша обврска е да ги адаптираме нашите животи и работа во согласност со новите состојби. Ни претстојат испитите, уписот на новите студенти, изборите на новите органи на универзитетот, односно на декани, нов сенат, нов ректор. Никако не смееме да застанеме – додава тој во соопштението.
Дали дилемите имаат правна или политичка заднина
Една од главните дилеми на проректорите е дали, спротивно на членот 5 од уредбата со законска сила за примена на Законот за високо образование за време на вонредна состојба, може да се спроведе постапка за избор на ректор. Проф. д-р Владимир Петрушевски на својот профил на Фејсбук напиша: „Упатувам предизвик за јавно соочување со ректорот на УКИМ, за да видиме кој од нас ја говори вистината. Без страв“.
Четворица професори во трка за ректорската фотелја
Во трката за ректор на најстариот универзитет во државата се четворица кандидати, дознава „Нова Македонија“. Освен проф. д-р Никола Јанкуловски, во трка за ректорската фотелја се и проф. д-р Петар Атанасов од Институтот за социолошки и политичкоправни истражувања и поранешен заменик-министер за образование и наука, потоа проф. д-р Драги Димитриевски од Факултетот за земјоделски науки и храна, кој беше декан на факултетот, како и проф. д-р Вујица Живковиќ од Факултетот за физичко образование, спорт и здравје и актуелен проректор за настава.