Турција жестоко ќе одговори на секој напад од страна на Халифа Хафтар врз турските интереси во Либија, истакна претставник на турската власт неколку часа откако силите на одметнатиот генерал најавија воздушни напади, објавува Блумберг.
Размената на закани сигнализира доплонително разгорување на конфликтот по неделата на неуспеси на Хафтар, во неговата војна против меѓународно признаената влада во Триполи. Министерот за внатрешни работи на Либија Фати Башаха, за „Блумберг“ изјави дека барем осум авиони од времето на СССР пристигнале на истокот на Либија од руска база во Сирија, со можност да асистираат во воздушна кампања.
Силите на Хафтар ја почнаа нивната офанзива за освојување на Триполи пред повеќе од една година, расчистувајќи го патот кон предградијата на главниот град на Либија. Но, турската воена интервенција го смени текот на битката за Либија, принудувајќи ги трупите на Хафтар да се повлечат од стратешка база неделава и да соопштат делумно повлекување од фронтот.
Турција е добро подготвена да ги брани своите бази и местата под нејзина заштита користејќи дронови и воени бродови кои ги испрати во близина на Триполи, според изјавата на претставник од турската власт. Целењето кон турскиот персонал би можело да предизвика возвратни напади, вклучувајќи го и штабот на Хафтар.
Пречките со кои се соочи Хафтар беа проследени со воздушната кампања на турските дронови. Силите на Хафтар најавија дека ќе одговорат на нападите.
– Вие ќе посведочите на најголемата воздушна кампања во историјата на Либија во наредните часови. Сите турски позиции и интереси во градовите се легитимни цели за нашата авијација и ги повикуваме цивилите да се тргнат подалеку од нив – кажа првиот човек на воздушните сили на Хафтар, Сакр ал-Жаруши.
Либискиот аналитичар Мохамед Буисие предвидува дека Хафтар ќе биде победен до крајот на годинава.
– Кампањата на Хафтар се приближува кон крајот. Моќникот ќе биде отсутен од светската сцена до крајот на годинава, а можеби и претходно. Племињата во источна Либија почнаа да го напуштаат Хафтар. Ова е почеток на бунтот против Хафтар. Народот го сака својот дел од политичкиот плен, но се дистанцира од поразените – смета Буисие, кој ги истакна своите ставови за турската агенција „Анадолу“.