Петковска ја збогатува онлајн наставата на тој начин што еднаш неделно поканува специјални гости на часовите
Пријатели на децата
Наставничката Виолета Петковска од основното училиште „Кочо Рацин“ во Охрид, која веќе 25 години своето знаење и искуство им ги пренесува на помладите генерации, последниве два месеци, кога поради пандемијата на коронавирусот училишното ѕвонче не ѕвони, со своите ученици контактира преку Скајп.
– Веќе петнаесет години учествувам во глобални проекти, конференции и семинари каде што се користат современите алатки за комуникација, па брзо се адаптирав на новонастанатата ситуација. За среќа, сите мои ученици имаат интернет, па и комуникацијата и часовите ни се одвиваат добро. За видеолекциите ги користам: Гугл класрум, Едмондо, Флип грид, Зум, Скајп…. – вели Петковска.
Oсвен часовите и обврските во училиштето, наставничката Виолета преку интернет учествува и на многу семинари што периодов се одржуваат онлајн, а добива покани од Австралија, Азија, Европа и од Америка.
Видеонастава со специјални гости
Таа на почетокот од вонредната ситуација одржувала часови двапати дневно, и наутро и навечер, во зависност од можностите на учениците и нивните родители, а најважно ѝ е, како што вели, што сепак на некој начин успева да биде со своите ученици и со родителите и така полесно да го пребродат тешкиот период.
Подоцна продолжила да одржува часови еднаш дневно, но размислувала како тие онлајн средби да им бидат уште поинтересни на нејзините второодделенци.
– Пред Велигден си помислив да го поканам нашиот познат кантавтор Џина Папас Џокси да ни биде гостин, иако лично не го познавав. Контактиравме преку социјалните мрежи и пријатно се изненадив кога брзо добив позитивен одговор. Прекрасно се чувствувавме сите. На часот за учениците и за нивните родители Џокси ја свиреше култната песна „На Велигден сум се заљубил“, а пеевме сите – ни откри таа.
Штом првичната идеја успешно била реализирана на радост на учениците, наставничката Петковска одлучила еднаш неделно да имаат специјален гостин на нивните часови. Па, така, следната седмица гостин на часот им бил градоначалникот на Општина Охрид, Константин Георгиевски, со што реализирале успешен час по општество, во соработка меѓу училиштето и локалната самоуправа.
Интерактивна едукација
– Токму на 5 мај, Денот на македонскиот јазик и кога се навршија 75 години од создавањето на македонската азбука, трет гостин на часот ни беше младиот македонски поет Филип Димкоски. Тој водеше интерактивен час со децата, зборуваше за македонскиот јазик и им читаше свои песни. Децата и родителите беа многу задоволни – ни раскажа наставничката Виолета.
Таа најави дека продолжува со оваа практика и се надева дека од септември училиштата ќе ги отворат своите врати, а нејзините ученици и во живо ќе се сретнат со гостите од онлајн наставата.
Инаку, Виолета Петковска припаѓа на редот на најистакнати просветни работници во нашата државава. Нејзината образовна дејност е позната тука, но и надвор. Минатата година беше избрана како една од стоте најдобри наставници во светот, а Градот Охрид ѝ ја додели повелбата „Св. Климент Охридски“.
– Ги сакам децата, ја сакам својата професија, а моето мото е „Светот е отворена училница“ – ни рече Виолета Петковска на крајот од нашиот разговор.