Гледам снимки од мечеви на македонската репрезентација, на наши поранешни и идни противници, правам анализи, белешки, вели селекторот Ангеловски
Како и сите и јас сум погоден во оваа ситуација, но треба да се издржи, здравјето на сите е најбитно во моментов, ќе дојде време и за спортот, за фудбалот. Мене многу ми недостига фудбалот, не паметам толку долг период да не се играло, јас да не гледам натпревари во живо, на стадион или на ТВ. Сега гледам снимки, репризи од мечеви на македонската репрезентација, на наши поранешни и идни противници, правам анализи, белешки.
Имам доста слободно време, се рекреирам, одам на прошетки, возам велосипед и се надевам дека ситуацијата наскоро колку-толку ќе се нормализира и оти ќе се рестартираат националните шампионати и европските натпреварувања. За репрезентативните ќе мораме да почекаме до есен, такви се најавите од УЕФА, изјави Игор Ангеловски, селекторот на македонската фудбалска репрезентација.
Македонија пролетва, кон крајот на март, требаше да настапи во плејофот за пласман на Европското првенство (ЕП) в година, но тие мечеви се одложени на неодредено време. Селекторот вели дека е во редовен контакт со сите репрезентативци на Македонија раштркани во повеќе европски земји и кои очекуваат продолжување на првенствените натпревари.
– Се слушаме телефонски, сите се добро, тренираат колку што е дозволено, според утврдените медицински протоколи во тие земји, и се надеваат дека ќе продолжат да играат фудбал. И јас како фудбалски човек посакувам да се игра фудбал, на терен да се одлучува кој ќе биде првак, кој ќе игра во европските купови, кои ќе испаѓаат – вели Ангеловски.