Европската радиодифузна унија и нејзините холандски членки постигнаа договор евровизискиот натпревар во 2021 година да се одржи во Ротердам, во арената „Ахој“. Овој холандски град беше избран за домаќин на натпреварот што требаше да се одржи овој месец, но беше откажан поради пандемијата на коронавирусот. По откажувањето на натпреварот „Евровизија 2020“ во Ротердам, почнаа конструктивни дискусии за можностите за поставување на 65-то издание на најголемата светска музичка манифестација следната година.
Веста беше објавена за време на директниот пренос на двочасовниот телевизиски спектакл „Блесни, Европо“, кој беше емитуван во саботата во 21 часот, со учество на претставниците на сите земји учеснички.
Мартин Остерстал, новиот извршен супервизор на фестивалот, рече дека е од суштинско значење евровизискиот натпревар да се врати следната година.
– Цврсто верувам дека сите ние што бевме вклучени во подготовките и во организацијата на „Песна на Евровизија“ за оваа година, ќе бидеме обединети во предизвикот да го вратиме натпреварот посилен од кога било, обезбедувајќи ја неговата долговечност за наредните децении.
Случувањата околу пандмеијата на ковид-19 значително ќе влијаат на плановите за реализацијата на шоуто за наредната година – вели Мартин Остерстал.
Досега 18 од пејачите што требаше да се натпреваруваат годинава потврдија дека повторно ќе ја претставуваат својата земја во 2021 г., но со нови песни. Претставници на МРТ сѐ уште водат преговори со ЕБУ за нашето учество следната година, а наскоро ќе биде познато и дали Васил Гарванлиев ќе нѐ претставува следната година во Ротердам.