Управата за јавни приходи соопшти дека се подготвени годишните даночни пријави за 2019 година и истите тие се веќе доставени до граѓаните.
– Ги повикуваме регистрираните корисници на системот „е-Персонален данок“ да извршат увид во годишната даночна пријава за 2019 година преку своите кориснички профили. Граѓаните може да ја потврдат или да ја коригираат годишната даночна пријава за 2019 година, најдоцна до истекот на крајниот рок 31.5.2020 година – се наведува во соопштението на УЈП.
Според објаснувањето на управата, по истекот на законскиот рок на 1.6.2020 година, годишните даночни пријави ќе добијат статус на конечни даночни пријави, во согласност со последниот статус на годишната даночна пријава – потврдена или коригирана, а службено ќе бидат потврдени и оние годишни даночни пријави, кои од страна на физичко лице не се ниту потврдени, ниту коригирани.
– Годишната даночна пријава за 2019 година што граѓанинот ја коригирал, а добила статус на конечна даночна пријава, ќе биде одобрена од службено лице на Управата за јавни приходи. Доколку службеното лице не ја одобри пријавата ќе следува донесување Решение за утврдување на данокот на доход за 2019 година – наведуваат од УЈП.