Знам дека со нетрпение чекате да узрее. А што да узрее? Па, малината, се разбира. Има ли некој што не сака малини? Јас не познавам таков. Пред околу половина месец и јас насадив неколку коренчиња малини што ми ги подари тетка Ружа. Можеби не годинава, но знам дека следната година ќе имам малини во мојата градина. Годинава сепак ќе треба да си купам од зеленото пазарче. А вие, од каде се снабдувате со малини и на кој начин ги приготвувате или, пак, си ги јадете свежи? Ајде сега низ песна да се запознаеме со малината, пред повторно да созреат годинешните малини и пред да ги почувствуваме веќе познатиот прекрасен вкус и мирис.


Малина

Малината има
плодови вкусни,
малечки и црвени
како детски усни.

Благо-кисела е по вкус,
се јаде кога е свежа,
но може од малината
да се приготви и џус.

Малините имаат моќ
погледи на сите да им крадат,
црвените вкусни малини,
децата најмногу ги јадат.

Затоа и еден дедо Иле
малини сади крај оградата,
децата кога ќе поминуваат,
да си скинат од насладата.


Покрај што е многу вкусна, малината е и храна и лек затоа што има многу витамини и минерали што нѐ штитат од многу болести, а исто така ни помага да имаме убава кожа. Малината содржи железо, фосфор, калциум, цинк а содржи и пектин. Со сите компоненти што ги содржат, малините го зајакнуваат нашиот организам, го подобруваат варењето на храната, ја прочистуваат крвта во организмот, а корисни се и доколку држиме диета за слабеење. И додека ги има во текот на доцната пролет и целото лето, потребни ни се само педесетина грама малини секој ден за да имаме здрав организам. Има безброј начини да се приготват малините како сок, слатко, мармалад, џем, но… сѐ што јадете, јадете умерено, а свежо е најдобро, имам проверено. А сега одам да видам како напредуваат малините во мојата градина. Поздрав, другарчиња!

Ваш, Филип Димкоски


За авторот

Филип Димкоски е поет од младата генерација македонски литературни творци кој пишува и за деца и за возрасни. Покрај тоа тој е дипломиран земјоделски инженер, новинар и долгогодишен соработник на „Колибри“ и „Нова Македонија“. Автор е на поетските книги „Најхранливи зборови од детска душа дарови“, „Божилак на исконот“, „Заедно да растеме“ и „Во градината има само љубов“. Добитник е на повеќе награди,а поезијата му е препејувана и објавувана на повеќе јазици во десетина држави.