Маска од пченкарно брашно за уморно лице
За добриот изглед на кожата на лицето влијаат многу фактори, а најважно е да ја негувате и храните. Поради својата нутритивна вредност, пченкарното брашно многу ќе ви помогне. Маската за лице е најкраткиот пат да ѝ го вратите загубениот сјај на својата кожа. Доколку не сте знаеле, во 100 грама пченкарно брашно има: 77 проценти јаглехидрати, 3 отсто масти и 10 проценти протеини.
Маската за уморна кожа се приготвува лесно, не е скапа и одлична е за сите типови кожа.
Потребно е: околу 2 лажици пченкарно брашно, 3 лажици мед, 1 жолчка. Сето тоа се меша во помал сад, за да се добие хомогена смеса. Маската се става на лицето и се остава да дејствува барем десетина минути, по што лицето се мие со млака вода.
Жолчката ќе ѝ ги врати протеините на кожата, а и тенот ќе биде свеж и сјаен. Медот ќе ја нахрани кожата, ќе ѝ ја врати виталноста и ќе ја подмлади. Пченкарното брашно ќе ѝ ги додаде на кожата потребните масти, длабински ќе ја нахрани и освежи. Доколку брашното е покрупно, ќе направите и пилинг на лицето. Во тој случај, пред да ја измиете маската од лицето, со нежни кружни движења тријте го лицето две минути.