Фото: Игор Бансколиев

Од понеделникот повеќе европски земји продолжија со дополнително ублажување на ограничувањата воведени поради пандемијата на коронавирусот, а во меѓувреме експертите и жителите на земјите зафатени од ковид-19 чекаат да видат дали ќе се постигне вистинска рамнотежа меѓу безбедноста и отвореноста. Ви нудиме некои од очекуваните промени што стапија во сила, иако ова не е сеопфатен попис

Државите во нашето опкружување, во ЕУ и во светот ги олабавуваат рестриктивните мерки

АВСТРИЈА

Околу 100.000 ученици од завршните класови се вратија во стручните и во средните училишта, првпат од средината на март. Исто така, од понеделникот на повозрасните лица во старските домови им е дозволено повторно да примаат посетители, иако и натаму остануваат некои ограничувања.

БЕЛГИЈА

И натаму останува пропишана работата од дома, но некои индустриски и деловни компании каде што работата налага присуство на вработените може да продолжат со работа под посебни услови. Текстилните фабрики може да се отворат поради својата улога во производството на маски за лице. Започна и јавниот превоз, а дозволено е занимавање со спорт со две лица што не се од исто домаќинство, под услов да се во рамките на пропишаното растојание.

ХРВАТСКА

Микро и малите стопанственици, како фризерските салони и салоните за убавина, може повторно да се отворат, со почитување на здравствените препораки. Поголемите компании ќе почекаат до понеделник за повторно отворање.

КИПАР

Судовите се отворија, но под строги услови за работа. Продавниците исто така може да почнат со работа, но полицискиот час останува од 10 до 16 часот.

ГЕРМАНИЈА

Германската канцеларка Ангела Меркел соопшти дека земјата ја постигнала својата цел да го забави ширењето на вирусот, но мерките за физичко растојание ќе останат во сила до 5 јуни. Германија постепено ќе укинува некои ограничувања наметнати како дел од борбата против епидемијата на коронавирусот во наредните недели, при што самите покраини одлучуваат за брзината и обемот на укинувањето.
Во иднина ќе бидат дозволени посети на старските домови и на оние за лицата со посебни потреби. Дозволено е да се отворат сите продавници во согласност со правилата за хигиена, како што е носењето маски. Одлуката за отворање ресторани, хотели и други места за угостителство или забава, како барови, дискотеки и базени, е оставена на сојузните покраини, при што некои најавуваа постепено отворање во некои сегменти. Исклучок ќе бидат масовните собири, кои се забранети до крајот на август, како и концерти на отворено или народни прослави.

ГРЦИЈА

Ако сѐ биде во ред и епидемиолошките податоци бидат стабилни, на 1 јули, со отворање на сезонските хотели, ќе се отвори и туризмот за странци во Грција, порача државниот министер на Грција, Јоргос Герапетритис. Тој објасни дека периодот меѓу 15 и 20 мај ќе биде клучен, бидејќи тогаш, како што рече, се очекува резултатот од постепеното олабавување на рестриктивните мерки.
Кој не носи маска во јавниот превоз, во болниците или лекарските ординации може да биде парично казнет. Фризерските салони, продавниците за електронска стока и книжарниците се отвораат постепено. Иако луѓето можат да ги напуштат домовите и слободно да се движат, остануваат некои ограничувања. Се очекува дека луѓето ќе се движат во рамките на своите локални покраини. На жителите на островите засега не им е допуштено да го посетуваат копното.

УНГАРИЈА

Во Унгарија и натаму ќе бидат потребни физичко дистанцирање и заштитни маски за лицето, но многу ограничувања се укинати од понеделникот за луѓето што не живеат во Будимпешта. Здравствената состојба во главниот град и понатаму е опасна, па ќе треба да се продолжат ограничувањата.

ИСЛАНД

Училиштата се отворија, заедно со универзитетите и другите терцијални установи. Собирањата и понатаму се ограничени на 50 луѓе, а се отворија фризерските салони, козметичките салони, салоните за масажа, музеите и стоматолошките ординации.

ИТАЛИЈА

По осум недели рестриктивни мерки, Италија во понеделникот почна со ублажување на мерките, а одредени дејности повторно почнаа со работа. Се очекува за неколку недели да се знае дали ублажувањето на мерките довело до зголемување на бројот на заразени и починати. Оваа недела на работа се вратија околу 4,4 милиони луѓе, но носењето маски и ракавици е задолжително надвор од домот. Градежниот и производствениот сектор продолжија со работа, а баровите и рестораните може да работат но само со преземање на нарачката и без задржување во објектот. На граѓаните им се дозволени подолго вежбање на отворено и посета на најмилите – иако имаше голема забуна за тоа кој спаѓа во оваа категорија. Парковите и гробиштата исто така се отворија во понеделникот, а погребите може повторно да се одржуваат во мали групи. Владата вети и натамошни олеснувања во текот на месецов ако кривата на заразеноста остане ниска.

ЛИТВАНИЈА

Во оваа балтичка земја веќе се укинати неколку ограничувања, а од понеделникот се отворија и границите за граѓаните што сакаат да патуваат. Меѓутоа, ова отворање не важи во двете насоки, туку луѓето што сакаат да влезат во Литванија ќе мора да причекаат.

ЛУКСЕМБУРГ

Околу 6.000 ученици во завршните години се вратија на настава. Стажантите и студентите што имаат практична работа на универзитетот или оние на стручните курсеви се вратија на работа.

ПОЛСКА

Претседателските избори во Полска, првично закажани за недела (10 мај), се одложени по барање на опозицијата поради пандемијата на коронавирусот и сè уште не е познато кога ќе се одржат, потврдија во средата вечер претседателот на владејачката партија Право и правда (ПИС), Јарослав Качински, и неговиот коалициски партнер Јарослав Говин.
Полска повторно ги отвора хотелите и трговските центри, но тие може да примат само едно лице на 15 квадратни метри малопродажна површина. Фитнес-центрите и игралиштата во центрите ќе останат затворени до нова одлука. Наедно, овозможено е постепено отворање на библиотеките и на музеите.

СРБИЈА

Во средата во Србија заврши последниот полициски час, кој во рамките на вонредната состојба беше воведен во борбата против ширењето на коронавирусот. Српското собрание на седница во вторникот вечер ја укина вонредната состојба, воведена на 15 март, а тоа значи дека повеќе нема да има ограничување на слободата на движење, но во сила остануваат некои мерки за заштита, за да се намали можноста од ширење на вирусот.

ШПАНИЈА

Шпанскиот премиер, Педро Санчез, во средата обезбеди доволно гласови за да ја продолжи вонредната состојба уште две недели, дозволувајќи ѝ на Владата, која полека ги олеснува мерките за изолација, да продолжи да го контролира движењето на луѓето.
Последниве денови Шпанија, која е една од најпогодените земји во Европа од коронавирусот, бележи многу помалку починати на ден отколку на почетокот на април, но строгите мерки катастрофално влијаат врз економијата и резултираа со големи загуби, а илјадници луѓе останаа без работа. Тензиите во парламентот за излегувањето од карантинот покажаа колку голем политички јаз има во земјата во која се одржаа четири изборни процеси во четири години и каде што Владата треба да работи напорно за да добие каква било поддршка.
Преку четири фази, владата има намера да ја доведе Шпанија во „нова нормална ситуација“ на крајот на јуни.

ФРАНЦИЈА

Франција се подготвува да почне со ублажување на рестриктивните мерки од 11 мај.

ИЗРАЕЛ

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху им дозволи на своите граѓани да излегуваат колку сакаат и каде сакаат.