Еибар е првиот шпански клуб што јавно изрази загриженост за планираното враќање на секојдневните тренинзи и побара одговорност од официјалните лица на фудбалската лига, пренесе британски „Гардијан“. Клубовите треба да почнат со индивидуални тренинзи неделава, а дуелите без публика се планирани за јуни.
– Загрижени сме за почнување активност во која нема да можеме да ја спроведеме првата препорака на сите експерти, а тоа е физичкото растојание.
Загрижува тоа што, работејќи го она што најмногу ни се допаѓа, би можеле да се заразиме, но и да ги заразиме семејството и пријателите, па дури и да придонесеме за нов бран на пандемијата, со ужасни последици за целото население. Здравјето на сите треба да ни биде најважно и сега е време да ја поддржиме оваа идеја со постапки, а не само со зборови. Бараме гаранции и бараме одговорност – изјавија играчите на Еибар, пренесе „Гардијан“.
Од Ла лига одговорија дека е природно играчите да бидат претпазливи при враќањето на теренот, но дека се преземаат соодветни мерки за да се спречи ширењето на вирусот. Како дел од планот во четири чекори за продолжување на сезоната, фудбалерите ќе имаат секојдневно тестирање на вирусот, тренинг-центрите веќе се дезинфицираат и ќе бидат подложени на строги услови за хигиена откако ќе се продолжи со активност.
– Секако дека разбираме оти луѓето имаат различни емоции. Сепак, преземаме многу мерки на претпазливост за безбедно и контролирано враќање на теренот. Играњето фудбал ќе биде побезбедно отколку, на пример, одењето во супермаркет или во аптека – изјавил портпаролот на лигата.