Европските лидери во отворено заедничко писмо го поддржаа планот за собирање 7,5 милијарди евра за развој на вакцина против коронавирусот. Европската поддршка беше упатена пред вчерашната онлајн-конференција, на која повеќе светски лидери се очекуваше да ветат средства за развој на вакцина.
Британија, Канада, Франција, Германија, Италија, Јапонија, Норвешка, Саудиска Арабија и Европската комисија се кодомаќини на конференцијата. Додека едни ја поддржуваат иницијативата, други ја критикуваат, велејќи дека станува збор само за пиар-настан, во кој голем број од средствата што се ветуваат веќе бил издвоен за вакцини, како и дека нема механизам за начинот на кој тие ќе се пренаменат и трошат. Уште една критика е упатена и поради фактот што некои земји, меѓу кои и САД, одбиваат заедничка борба против ковид-19.
ОН велат дека враќањето во нормалниот живот ќе биде можно само со вакцина. Во моментот во светот има десетици истражувачки проекти што се обидуваат да најдат вакцина против новиот коронавирус, посочува Би-би-си.