На денешната седница, Владата донесе интервентна мерка наменета за стабилизирање на пазарот со зелка од домашно производство.
Корисници на оваа интервентна мерка се земјоделски стопанства кои имаат засадени површини со зелка, а оствареното производство го имаат продадено кај регистриран откупувач, запишан во Регистарот на откупувачи на земјоделски производи.
Финансиската поддршка во износ од 3 денари по килограм, ќе се исплати за количини кои се продадени во периодот од 5 април до 5 мај годинава, информираат од Министерството за земјоделство.
Од таму додаваат дека со оваа интервентна мерка ќе се стабилизира пазарот со зелка кој во месец април беше дестабилизиран поради намалување на побарувачката и откупната цена, како последица од вонредната состојба предизвикана од коронавирусот.
Исто така, на денешната седница на Владата усвоена е и Програма за изменување на Програмата за финансирање на активностите во тутунското производство за 2020 година.
– Со усвојувањето се овозможи префрлање на средства во висина од 110 милиони денари од Програмата за финансирање на активностите во тутунското производство за 2020 година во Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2020 година – посочуваат од ресорното министерство.
Со средствата кои се пренаменети ќе се изврши исплата на заостанатите обврски кон земјоделците.