Претседателката на Инспекцискиот совет Магдалена Филиповска-Грашкоска, на прес-конференција во Владата ги презентира наодите од шест инспекциски служби во надлежност на Советот, кои во периодот од 19 март до 21 април имаат извршено 33.173 надзори со цел да гарантираат целосно почитување на одлуките, мерките и препораките на Владата за заштита од коронавирусот ковид-19.
– Инспекторите се постојано на терен, ја извршуваат својата работа со полна професионалност ставајќи го општото добро пред поединечните интереси. Со тоа се придонесе да се заштитат правата на потрошувачите, да се почитуваат правата на работниците, да се одржуваат на соодветно ниво квалитетот и цената на лековите, медицинските средства, основните прехранбени продукти, за што им упатувам јавна благодарност – потенцира претседателката на Инспекцискиот совет.
Таа соопшти дека во овој период најмногубројни се контролите направени од Државниот пазарен инспекторат, вкупно 26.569, од кои 5.508 се контроли на замрзнатите цени во малопродажните и големопродажните објекти.
– Притоа, од страна на ДПИ затворени се вкупно 162 угостителски објекта, кои не ги почитувале мерките на Владата, а од визуелната обиколка низ повеќе градови констатирано е дека повеќето угостители сепак дисциплинирано ги почитуваат забраните за работа. Државниот пазарен инспекторат изминатиот месец интензивно ги контролира и кафематите во целата земја, при што е извршено запечатување на повеќе од 350 кафемати. Освен на самиот почеток на кризата, кога имаше одреден број пријави за покачени цени кај некои производи, особено кај цитрусното овошје, можеме да констатираме дека во подоцнежниот период повеќето од трговците ги почитуваат одлуките за смрзнатите цени, а на оние каде што е забележано зголемување им се наложува да ги вратат цените на нивото од 11 март – рече Филиповска-Грашкоска.
Агенцијата за храна и ветеринарство исто така активно спроведуваше надзори во повеќе градови во државата, и тоа во маркети, угостителски објекти, месарници, производствени објекти и на зелени пазари. Реализирани се вкупно 1.645 вакви инспекции, при што се изречени вкупно 5 глоби, 75 казнени мерки едукации поради неспроведени обуки за основни знаења за безбедност на храна и вкупно 64 решенија за констатирана лоша општа хигиенска состојба по кои правните субјекти постапуваа веднаш.
Државниот инспекторат за труд, во насока на заштита на работничките права, реализира вкупно 3.236 контроли, при што донесени се 42 решенија и речиси 152 укажувања за работодавците што не постапиле по препораките на Владата.
– Повеќето од овие надзори биле поврзани со постапување по претставки за платено отсуство на родител на дете до 10 години, самохран родител, бремени жени и хронични болни. Трудовиот инспекторат констатира дека повеќето од работодавците ги почитуваат препораките за заштита на вработените од ковид-19 – посочи Филиповска-Грашкоска.
Државниот здравствен и санитарен инспекторат во изминатиот период реализира 732 инспекциски надзора во субјекти во нивна надлежност, со особен фокус на приватни и јавни здравствени установи, како и домови за стари лица, а во врска со почитување на протоколите за заштита на медицинскиот персонал за прием и постапување со инфицирани пациенти од коронавирусот Ковид-19. Паралелно со инспекциските надзори, ДЗСИ издаде и вкупно 9.607 дозволи на транспортери за професионални возачи во меѓународниот транспорт, кои се неопходни за непречено спроведување на транспортот во услови на епидемија од коронавирус.
– Државниот инспекторат за транспорт во овој период реализира 751 надзор. Притоа се констатира дека меѓуопштинскиот сообраќај е речиси целосно редуциран, односно неговиот интензитет е намален речиси 95 отсто и продолжува да се редуцира. Агенцијата за лекови и медицински средства МАЛМЕД има извршено 240 контроли на веледрогерии и аптеки. Може да посочиме дека при овие контроли констатирано е дека нема специфични отстапувања, а секторот ги почитува препораките, се одржува ред во аптеките, се дозволува влез на ограничен број лица во аптеките, а цените се во согласност со препораките и одлуките на Владата – соопшти претседателката на Инспекцискиот совет, Магдалена Филиповска-Грашкоска.
На прес-конференцијата присуствуваа и директорите на Државниот пазарен инспекторат, Стојко Пауновски, на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Иринка Сотирова, на Агенцијата за лекови и медицински средства (МАЛМЕД), Висаре Риза, на Државниот инспекторат за труд, Аљадин Хавзиу, на Државниот инспекторат за транспорт, Руфат Хусеини, и на Агенција за храна и ветеринарство, Зоран Атанасов.