фото: Зоран Антоски

Второзаразениот жител на Кичево со ковид-19, последните три седмици бил на лекување во охридската болница и во истиот период немал контакти со локалните жители, потврди директорот на кичевската Општа болница, Станко Трпески.

– Второзаразениот жител од нашиот град, во последните три седмици бил пациент на охридската болница и во истото тоа време со исклучок на своите најблиски и вработените, немал контакти со жители од нашиот град. И покрај овој факт, ќе се исконтактираат лицата кои го посетувале во охридската болницата, по што ќе бидат преземени натамошни мерки, конкретно, и тие ќе бидат подложени на тест за присуство на ковид 19 – вели доктор Трпески.

Што се однесува до првозаразениот жител на Кичево, се работи за млад човек на 30 години, кој последните седум месеци работел на брод во Франција, а последен пат земјава ја напуштил на 20 февруари кога бил на одмор. Оттогаш немал контакти со локалните жители а по враќањето во земјава, пред четири дена, бил ставен во државен карантин каде му е дијагностициран ковид-19 .

З.А.