Еден тинејџер бил приведен во сибирскиот град Краснојарск во Русија за подготвување вооружен напад врз училиште, соопшти руската Федералната служба за безбедност (ФСБ).
– ФСБ уапси жител на Краснојарск, роден во 2006 година, кој подготвувал вооружен напад врз училиште. Запленети се скратена ловџиска двоцевка, импровизирани експлозивни направи, средства за комуникација и лични дневници што содржат информации за планираното дело – се вели во соопштението на ФСБ.
По анализата на оружјето, муницијата и на другите предмети и документи, ФСБ ќе донесе одлука за понатамошната процедура.
Обвинителството ќе покрене кривични предмети за терористички акт, нелегално купување, пренесување, продажба, складирање, транспорт или носење оружје, нивни главни делови и муниција и за обид за убиство на полицаец, се додава во известувањето.
Претходно во април, ФСБ осуети терористички напади на јавни места на територијата на Ставропол и во автономната област Канти-Манси (КМАО).
Еден од криминалците бил приведен во градот Нефтекумск, вториот бил убиен откако пружил вооружен отпор, но немало жртви меѓу цивилите и полицијата. Полицајците пронашле и заплениле импровизирани експлозивни направи, компоненти за производство на импровизирани експлозивни направи, оружје и муниција.