Претседателот Стево Пендаровски преку видео денеска разговараше со директорот на Здравствен Дом – Скопје, д-р Виктор Исјановски, со раководителката на Итната медицинска помош, д-р Милица Бубало, како и со д-р Марија Милеска Аврамоска, којашто е дел од интервентна екипа на Брзата помош.
Во разговорот, претседателот Пендаровски беше запознаен со досегашната, како и со тековната работа на поликлиниките коишто се во состав на Здравствен Дом – Скопје, со бројот на повици во Брзата помош, како и со интензитетот и обемот на работа на докторите во овие здравствени установи.
– Сите ние во оваа вонредна состојба мора да работиме постојано и се жалиме поради тоа, но на Вам докторите работењето 24 часа во текот на 7 дена неделно Ви е востановена практика и едноставно мора така да функционирате. Во оваа насока, Ви благодарам што несебично се вложувате, особено во овие вонредни околности – им порача претседателот Пендаровски на докторите во денешниот видео разговор.
Докторите, при разговорот го информираа претседателот Пендаровски дека поликлиниките на територијата на градот Скопје располагаат со доволно медициски и немедицински кадар којшто одговара на потребите на граѓаните. Истовремено, како што рекоа докторите, во моментов имаат сѐ што им е потребно во однос на заштитна опрема и дека истата навремено се надополнува.
Претседателот Пендаровски на денешните соговорници, но и на останатите вработени во Итната медицинска помош и во поликлиниките во градот, им оддаде почит и признание за нивниот досегашен ангажман. Како што рече претседателот Пендаровски, сите тие се на првата линија во борбата со пандемијата на вирусот ковид-19, први доаѓаат во контакт со болните и се изложени на висок ризик.
За време на разговорот претседателот Пендаровски на докторите од Итната медицинска помош им посака да имаат што помалку интервенции во периодот што следи, бидејќи, како што рече претседателот Пендаровски, тоа ќе значи дека полека стивнува пандемијата на вирусот ковид-19. Истовремено, претседателот Пендаровски на докторите им искажа голема поддршка да истраат во неделите коишто доаѓаат.